Гевгелија, 26 мај 2020 (МИА) – Празникот заштитник на градот Вознесение Христово или Спавден гевгеличани ќе го прослават со тридневна културна програма која во организација на Домот на културата годинава ќе се реализира на поинаков начин поради пандемијата со корона вирусот.
– Чествувањето на Спасовден ќе почне денес и ќе трае во наредните три дена со изведба на неколку културни манифестации,поточно ликовна изложба и музички концерти кои,поради примена на мерките за заштита и спречување на ширење на Ковид-19,граѓаните ќе можат да ги следат во живо од дома преку Јутјуб каналот и официјалните фејсбук страници на Домот на културата и Општина Гевгелија, велат организаторите.
Реализацијата на програмата ќе почне вечер со музички концерт на дуото „Ангови“ кој со почеток во 20 часот ќе се одржи на балконот на Народниот театар.
Утревечер е предвиден настап на музичката група ,,Панта Реи“ и отворање на ликовната изложба на која учествуваа 17 членови на Друштвото на ликовни уметници од Гевгелија, а прославата на заштитникот на градот Гевгелија ќе заврши на 28 мај,четврток, на денот ,,Свети Спас“ со концерт на музичката група ,,Леге Артис“ од Гевгелија.
Покровител на Спасовденската културна програма,која изминативе години траеше подолго и се изведуваше на поинаков начин,е општина Гевгелија. им/са/