Утрински Весник
Македонија

Се гради „парапетче“ без градежна дозвола на една од плажите во авто-кампот „Градиште“

Се гради „парапетче“ без градежна дозвола на една од плажите во авто-кампот „Градиште“

Викендов во Охрид повторно се актуелизира темата за градежни активности што се изведуваат до самиот брег на Охридското езеро, откако на социјалните мрежи се појавија фотографии од ѕидот што се гради на една од плажите на авто-кампот „Градиште“. Ова предизвикаа голем револт кај жителите на Охрид, кои бараат одговорност за ваквата постапка.

За автентичноста на фотографиите потврда стигна и од градоначалникот на Општина Охрид Константин Георгиевски, кој на својот Фејсбук профил напиша дека градежните дејствија се одвиваат незаконски.

– Чувствувам обврска, поради денешните бројни реакции кои лично од граѓаните и преку медиумите пристигнаа за изградбата на ѕид во непосредна близина на Охридското Езеро во авто – кампот „Градиште“, да ве информирам дека инспекциските служби на општина Охрид, на 24.03.2020 година, извршија увид и составија записник. Согласно законските процедури донесено е решение за отстранување со кое на изведувачот му се дава законскиот рок сам да го отстрани, а доколку тоа не го направи во предвидениот рок, општина Охрид ќе го отстрани на сметка на изведувачот – информира градоначалникот Георгиевски.

Тој дополнува дека изведувачот на „парапетчето“ на плажата во Градиште не добил одобрение за градба, ниту пак општината има намера да издаде ваква дозвола на објекти кои директно влијаат врз загадувањето на Охридското езеро.

Овој еколошки инцидент се случува во период кога Охрид и Охридското езеро се борат да го задржат статусот на светско природно и културно наследство заштитено од УНЕСКО, кое е доведено во прашање, меѓу другото, најмногу поради нелегалните градби.

Од неформалното еколошко движење „OhridSOS“ со осуда за реакциите на надлежните.

– Додека козметички дотеруваа во извештајот до UNESCO, на терен имаме сосема спротивна практика. Од Радожда до Свети Наум. Благодарение на наши сограѓани, секој ден излегуваат на виделина вашите „подвизи“ и вистинското ваше лице. Наместо справување со дивоградбите, аминувате да се градат нови – стои на Фејсбук страницата на неформалното еколошко движење „OhridSOS“.

Тие ги повикаа инспекциските служби на општина Охрид веднаш да излезат на терен, да ја запрат изградбата и да ги санкционираат сторителите.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

МЖСПП: Советничката Ирена Витина подобро да се информира, пред да изнесува невистини во јавност 

Кузмановска: Ракот не погодува само еден – туку целото семејство

Седумнаесетта „Недела на јапонски филм“ во Скопје и Битола