Македонска Каменица, 15 мај 2020 (МИА) – Оштетена е водоводната мрежа во село Дулица. Оштетувањето било пријавено од жители на селото, по што екипи на Јавното претпријатие „Камена Река“ извршиле санација на штетата.
-Наша екипа изврши поправка на намерно предизвикана штета на дел од водоводната мрежа во село Дулица. Случајот на овој дел од водоводната мрежа се повторува секоја година. Поради несовесното однесување на поединци, покрај предизвиканите проблеми и создадените трошкови за санација на дефектот, најголемата штета ја трпат жителите на село Дулица, информираа од претпријатието.
Апелираа до граѓаните да престанат со ваквите вандалски дејствија, во спротивно ќе се соочат со санкции.
-Инсистираме, надлежните да ги засилат контролите и да воведат санкции кон сторителите, како мерка за спречување на оштетувањата на водоводната мрежа. Во спротивно ваквата состојба ќе продолжи да биде пракса, а последиците ќе ги сносат сите граѓани, додадоа од претпријатието.
Слични оштетувања, како што дополнија од ЈП „Камена Река“ се забележани и кај јавните површини во градот, при што најмногу на удар на несовесните граѓани е јавното зеленило и поставената урбана опрема. вс/сст/