Утрински Весник
Македонија

Вонредната состојба до сабота, се прават проценки дали ќе има продолжување

Вонредната состојба до сабота, се прават проценки дали ќе има продолжување

Скопје, 14 мај 2020 (МИА) – Вонредната состојба што ја прогласи претседателот Стево Пендаровски на 16 април истекува во сабота. Засега останува отворено прашањето дали ќе има ново продолжување.

Премиерот Оливер Спасовски вчера изјави дека Владата се уште нема донесено одлука дали ќе побара вонредната состојба во земјава да продолжи и во наредниот период. Тој рече дека се прават анализи и проценки врз основа на здравствената состојба.

– Јас апелирам да почекаме ден два, кога ќе заседава Владата и да се направи проценката дали ќе имаме потреба од нова вонредна состојба и колкава ќе биде, вели Спасовски.

Тој кажа дека се изготвува и извештајот до претседателот Стево Пендаровски, за тоа што е се направено во текот на оваа вонредна состојба. Останува на ставот дека приоритет е пред се животот и здравјето на граѓаните, а врз основа на тој приоритет ќе ги носат и следните одлуки.

Доколку биде донесена одлука да продолжи вонредната состојба и Владата достави предлог, Советот за безбедност треба да одржи нова седница в петок и претседателот да донесе одлука за нејзино продолжување.

Во спротивно, вонредната состојба поради коронавирусот, која првично беше прогласена на 18 март, по што беше донесена уште една одлука за нови 30 дена, ќе заврши в сабота.

Двете одлуки на претседателот Пендаровски за прогласување вонредна состојба останаа непотврдени од Собранието, поради тоа што тоа беше распуштено.

Ако парламентарниот состав не беше распуштен Собранието, наместо претседателот Пендаровски ќе требаше да ги донесе одлуките за прогласување вонредна состојба, како што е предвидено со Уставот.

Двете одлуки на шефот на државата за вонредна состојба беа оспорени пред Уставниот суд, но тој реши дека нема основа за поведување постапка за оценување на нивната уставноста и законитост.сст/са/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме