Утрински Весник
Македонија

Се подобрува водоснабдувањето во општина Кочани

Се подобрува водоснабдувањето во општина Кочани

Кочани, 12 мај 2020 (МИА) – Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ од Кочани почна неколку инфраструктурни проекти за подобрување на водоснабдувањето на градот и населените места кои се приклучени на јавниот водовод.

Поради дотраеност и појава на чести дефекти, денеска почна замената на дел од главната водоводна линија за селото Бели. Градежните работи и поврзувањето треба да се комплетираат за два дена.

– Работите за селото Бели се изведуваат на улицата „Страшо Ербапче“ во Кочани, од препумпната станица кон крстосницата со регионалниот пат што води кон Пониква. Се поставуваат нови поквалитетни полиетиленски цевки, со пречник од 90 милиметри и издржливост на притисок од 16 бари. Потоа приоритените места каде што ќе има интервенции се водоводните линии за селата Тркање, Грдовци и Прибачево, како и на улицата „Охридска“ во Кочани, истакна Андреј Киров, директор на КЈП „Водовод“.

Во меѓувреме, почната е и тендерска постапка за избор на изведувач за изградба на нов експлоатациски бунар на длабочина од 50 метри, со капацитет од 25 литри вода во секунда, што треба да се реализира до средината на летото.

Од Општина Кочани пак, информираа дека за да се подобри квалитетот на водоснабдувањето, до Министерството за траспорт и врски е поднесен проект за замена на главниот потисен цевковод од бунарите во Грдовски Орман до кота од 2.250 метри. Одобрените средства од Владата би овозможиле поефикасно фукнционирање на системот и намалување на загубата на водата за пиење. та/хс/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

(Фото) Целиот состав на новиот Централен одбор на СДСМ

Трпезата за Нова година ќе биде поевтина? Се подготвува празнична потрошувачка со над 500 производи

КАКО ДА СМЕ ЈАНУАРИ, А НЕ НОЕМВРИ: Рано утринава во Македонија измерени дури -12 степени!