Берово, 10 мај 2020 (МИА) – Резултатите од тестовите на медицинскиот персонал од приватната здравствена установа „Д-р Весна Марковска” која е матичен лекар на заболеното лице од коронавирусот во Берово се негативни. Во својата изјава до јавноста Марковска вели дека со тоа што медицинскиот персонал е негативен на КОВИД-19, нема опасност од ширење на заразата и кај други лица.
-Од името на Приватната здравствена установа „Д-р Весна Марковска” ги известуваме граѓаните дека медицинскиот персонал е негативен на Ковид-19, со што се елиминира опасноста по здравјето на пациентите кои изминатиот период ја посетиле ординацијата. Сепак, заради мерките за заштита на граѓаните и наша безбедност, наредната недела ординацијата нема да работи, информираат од беровската Приватната здравствена установа.
Првиот позитивен случај на Ковид-19 во Берово е жена на возраст од 55-години од село Владимирово, која според надлежните вирусот го добила за време на нејзиниот престој на Клиниката за онкологија, каде се грижела за нејзиниот болен брат.
Од општината додадоа, дека и понатаму ќе се преземаат потребните мерки за спречување на ширење на заразата, преку активности за дезинфекција на јавниот простор, како во градот така и во селските средини. вс/вј/