Утрински Весник
Македонија

Обраќање на директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје

Обраќање на директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје

Скопје, 4 мај 2020 

Светот признава постоење на над 6 500 јазици. Само неколку стотини од нив се издигнале на ниво на службен јазик на еден народ во една држава. Јазикот на Македонците е еден од избраните.

Уште во деветтиот век браќата Кирил и Методиј, со помош на глаголицата, како оригинално писмо, ги превеле црковните книги на јазикот на македонските Словени од околината на градот Солун (во науката познат како старословенски и старомакедонски). Со благослов на папата, овој јазик станува четвртиот признат јазик во светот што е достоен за Библијата и за Бога. Подоцна, постапно, кирилицата го зазема своето место во писмената традиција.

По многу векови, со прогласувањето на Федерална Македонија како држава, АСНОМ, на своето Прво заседание на 2 август 1944 година, донесува решение за воведувањето на македонскиот како службен јазик. Со објавувањето на македонската азбука на 5 мај и со усвојувањето на македонскиот правопис на 7 јуни 1945 година од Народната влада на Федерална Македонија, се случува кодификација на современиот македонски литературен јазик.

Така, македонскиот јазик повторно се вбројува во избраните јазици на светот.

Затоа, ја поздравуваме одлуката на Владата што ја донесе на својата 130. седница во април 2019 година (по препорака на Советот за македонски јазик) за востановување на 5 мај за Ден на македонскиот јазик.

Институтот за македонски јазик, преку работата на своите проекти, преку постдипломските и докторските студии, како и преку објавените дела, веќе седма деценија ја промовира и ја потврдува азбуката, како и основните принципи за фонетски правопис, за застапеност на граматичките форми и „живите наставки“ (Блаже Конески) од централните говори и за збогатување на речникот од сите дијалекти (за што сведочат и нашите објавени изданија).

Седумдесет и петгодишната практика на македонската азбука и на правописот придонесе за успешна борба против неписменоста, за квалитетно образование, за поквалитетен живот на граѓаните, за промовирање на културната разновидност на Македонците и за зачувување на традицијата од нашите предци.

Со пиетет се потсетуваме на сите претходници, кои, со своето дело, низ вековите се вградиле во писмениот македонски јазик. Меѓу нив е визионерот што прв ја обзнани азбуката, нашиот патрон Крсте Мисирков, кој нè потсетува дека „јазикот е наше духовно благо“, зашто „јазикот е средство со кое ние познаваме што мисли, што чувствува и што сака нашиот соговорник“. Тука задолжително ќе го споменеме кодификаторот на македонскиот јазик, најголемиот афирматор на македонската азбука, правопис и речник, нашиот омилен професор Блаже Конески, кој ни порача „јазикот ни е нашата единствена неподелена татковина“.

Македонската азбука е официјално и единствено писмо на македонскиот јазик, со кое на македонски јазик се напишани и објавени илјадници книги што се читаат од Македонците, но и од припадници на другите нации кај нас и по светот.

Институтот за македонски јазик достојно останува на задачите за афирмација, негување и за проучување на македонскиот стандарден јазик.

За да придонесеме за афирмација и за негување на македонскиот јазик, во услови на светска пандемија и вонредни мерки во државата, второто чествување на 5 Мај – Денот на македонскиот јазик го правиме преку електронско објавување на десет книги, исцрпени изданија на Институтот што се многу барани од читателите и не губат од својата актуелност. Станува збор за:

– „За македонскиот јазик“, книга 11 од Посебните изданија на ИМЈ, објавена во 1978 година под редакција на Тодор Димитровски, на Блаже Конески и на Трајко Стаматоски;

– Осум зборници (почнувајќи од книга 2) од едицијата „Денови на Благоја Корубин“, основач и главен редактор: Снежана Велковска. Најновите зборници ги има на веб-страната на Институтот, а останатите електронски недостапни изданија се во подготовка за објавување;

– Фототипско издание на „Речникот на презимињата кај Македонците“, во два тома (од 1994 и 2001 година) од авторите Марија Коробар-Белчева, Олга Иванова, Маринко Митков и Трајко Стаматоски и под редакција на Трајко Стаматоски (кому на овој начин му го одбележуваме 95. роденден).

Да потсетиме, електронското издание на „Правописот на македонскиот јазик“ е подарок до народот од Владата, од Институтот, од НУБ и од авторите.

Време е 4 200 страници од „Толковниот речник на македонскиот јазик“ да станат достапни во електронска форма за народот и за светот, за што ја бараме поддршката од Владата и од релевантните институции. Време е за дигитализација и за електронско издаваштво!

Годинешниот Ден на македонскиот јазик нека биде уште еден поттик за тоа!

Нека ни е честит и вековит Денот на македонскиот јазик!

проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, директорка на

ЈНУ Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Минчев: Имаме преголема и пребавна јавна администрација, работиме на нејзино кратење

Кичево – Охрид ќе биде завршен до крајот на 2026 година, ветува Николоски

ВО МАКЕДОНИЈА ДОАЃА ГОЛЕМ ВЛАЖЕН И ЛАДЕН ЦИКЛОН: Ќе донесе многу дожд, снег и снежна покривка од над 40 сантиметри!