Скопје, 1 мај 2020 (МИА) – Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денеска изјави дека преговарачката рамка од Европската комисија, според информациите со кои располагаат, ќе биде презентирана на 3 јуни.
– Преговарачката рамка се смета за најважен документ во којшто земјите членки ги утврдуваат своите позиции, а потоа Европската комисија која технички преговара во име на земјите членки, треба да ги почитува тие позиции и потоа континуирано да ги информира земјите членки. Нашите информации се дека Комисијата, оваа преговарачка рамка ќе ја презентира на 3 јуни кога Комисијата ќе излезе и со новиот пакет на проширување, односно и Годишниот извештај за прогрес, истакна Османи на прес-конференција.
Тој образложи дека со преговарачката рамка се дефинира текот, опсегот, структурата, клучните услови коишто треба да се прифатат, меѓутоа, како што наведе, процедурите низ коишто треба да се спроведат преговорите под клаузулата ништо не е договорено се додека се не се договори, што значи дека преговорите остануваат отворени се до комплетно усогласување на текстот на договорот помеѓу двете страни којшто на крај се потпишува и потоа се ратификува.
– Оваа драфт преговарачка рамка, оваа нацрт верзија оди потоа во КОЕЛА, тоа е Комитетот за проширување и преговори како тело на Советот на ЕУ, каде што се усогласуваат позициите на земјите членки за текстот на преговарачката рамка, потоа во КОРЕПЕР – Комитетот на постојаните претставници, тоа се амбасадорите на земјите членки во ЕУ, потоа Советот за внатрешни работи, тоа се министрите за Европа и Европскиот совет на крај, шефовите на државите и премиерите и ние очекуваме дека ова усогласување ќе се случи во јуни во текот на јунскиот Самит на ЕУ со што се отвора можност за одржување на првата Меѓувладина конференција, посочи Османи.
Ова, според Османи, значи дека преговарачката рамка би се усвоила во текот на хрватското Претседателство, а првата меѓувладина конференција би се одржала во текот на германското претседателство. Тоа, смета Османи, е исклучително поволна околност за нас имајќи предвид дека таа е силен поддржувач на проширувањето. Конференцијата, според очекувањата, би се одржала некаде помеѓу септември и декември годинава.
– Зошто е важно одржување на првата меѓувладина конференција. Таа има и политичко и правно и симболично значење, меѓутоа со тоа се отвора директно оперативно преговарачкиот процес, односно скрининзите. Скрининзите имаат два дела објаснувачки и билатерален. Двата дела земаат по една година. Среќна околност е што ние објаснувачкиот веќе сме го завршиле минатата година со тоа што ни останува само билатералниот скрининг. Во објаснувачкиот скрининг каде илјадници луѓе од наша администрација и од невладините организации беа во Брисел ние слушавме ЕУ презентираше што треба да направиме. Во билатералниот скрининг е обратно, Европската Унија слуша, ние треба да кажеме до каде сме, што сме направиле, кои се нашите акциони планови за спроведување на транспонирањето на европското законодавство, наведе Османи.
Наше е, рече Османи, сега да лобираме и да работиме во овој период преговарачката рамка да биде што поповолна бидејќи во моментот кога таа ќе се усогласи веќе е крај.
– Нема менување на правилата на игра. Србија долго работеше на преговарачката рамка по однос каде ќе биде прашањето на Косово, на крај се заклучи дека ќе биде во последното 35 Поглавје, а не во секое од поглавјата за секое прашање, бидејќи тука се дефинира структурата низ кои се одвиваат преговорите, објасни Османи.
Порача дека сега е најважно прашањето за преговорите да стане натпартиско и сите заедно да работат на што поскоро затворање на преговорите. см/бак/