Утрински Весник
Македонија

„Дома“ доби поинакво значење: Карантинот им го смени секојдневието на младите

„Дома“ доби поинакво значење: Карантинот им го смени секојдневието на младите

За Давид Стоилковски, ученик од средното училиште „Раде Јовчевски – Корчагин“, зборот дома добил поинакво значење откако започнале рестриктивните мерки. Како личност која учествува во многу вон училишни активности поврзани со матура, „Корчагинска просветилка“ и други активности, кои притоа се откажале поради воведените мерки, неговото секојдневие значително се променило.

„За време на каратнинот мислам дека сите сакаме да имаме некои обврски за притоа да немаме многу слободно време. Сепак, слободното време што го добиваме како средношколци заменето е со онлајн часови, пишување домашни, онлајн испрашување, изработување на проекти итн. Порано имавме точно одредено време за кога ќе сме во училиште и ќе имаме часови, а сега со професорите се договараме во зависност на тоа нас во колку часот ни одговара“, вели Давид.

Но, принуденото седење дома на младите им отвори можности да се посветат на активности за кои одамна планирале да ги реализираат.

Ива Пуовиќ, студентка на Правниот факултет во Скопје вели дека за време на карантинот и се отворила можност да ги прочита сите книги за кои претходно немала време или пак, да погледне некоја серија.

Сепак, најголема среќа во овој период како што вели таа, е тоа што живее во куќа со двор, каде што може да поминува време со нејзиното куче. Пуовиќ додава дека продолжила да пишува поезија, кое е нејзино хоби уште пред да започне карантинот.

„Морам да признаам дека голем дел од времето го поминувам и во кујна, научив многу интересни и вкусни вегански рецепти. И секако денот го завршувам со вежбање, се трудам да останам во добра кондиција, а и подобро се чувствувам така“, вели Ива.

Младите се децидни дека иако сега секојдневието е поинакво, има и свои предности.

„Еден обичен ден за време на карантинов изгледа многу по различно дури и од деновите за време на летниот распуст. Имаме доволно време да се посветиме на самите себе си и да почнеме со нешто што сме сакале да го направиме претходно, а сме немале доволно време. Никогаш порано не сме знаеле како би изгледало да сме затворени дома и да не можеме да излегуваме надвор, а со самото тоа да спасуваме животи. Како индивидуи мислам дека сите полека се навикнавме на ваквиот начин на живот, иако е тешко“ – посочува Давид.

Тој вели дека за време на пандемијата, го надоградил своето знаење најмногу од областа на медицината и сите факти поврзани со вирусот, но и со други интересни теми кои што го интересираат, како јазици или пак, за тоа како се справува човекот со тоа што му е кажано од надлежните.

„Имаме време да научиме се што некогаш сме сакале“, додава тој.

За тоа како се справуваат со чувствата во овие услови, студентката Пуовиќ вели дека не почувствувала страв кога започнала ситуацијата со ширење на вирусот, но сфатила дека е многу лесно да се манипулираат луѓето.

„Не се исплашив, сметам дека нема зошто да се плашам сега. Стравот е најлошиот избор што некој може да го направи. Не размислуваш разумно и сам си креираш лоши сценарија кои никогаш нема да се остварат. Ги следам и почитувам препораките за да се заштитам себе си како и другите“, тврди Ива.

На ова се надоврзува и Давид, кој смета дека секој од нас може да излезе од својот дом, се додека ги почитува мерките.

„Самото затворање дома, не е лесно за никој од нас. Оставени сами со нашите мисли по цели денови може да не доведе до несакани ситуации, но и за тоа постои решение. Сепак имаме доволно време за да ги исконтактираме најблиските и да поминеме време со нив, само што сега тоа е сведено на онлајн видео повик“ – додава тој.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме