Прилеп, 30 април 2020 (МИА) – Во Прилеп пристигна донацијата од 100 таблет-компјутери, која тетовското семејство Дестани преку компанијата „Еколог“, ги достави за учениците од социјално загрозените семејства во Општината.
Целта на донацијата е да го ублажи предизвикот на многу ученици, кои поради пандемијата, мора онлајн да ја следат наставата, но поради недостиг на соодветна дигитална опрема, не се во можност да го направат тоа.
Донаторот и филантроп Лазим Дестани вели дека донацијата е наменета да им помогне на учениците.
– Оваа донација е наменета за учениците кои поради недостигот од дигитални уреди, останаа надвор од образовниот процес. Една од најважните работи што заеднички можеме да ја направиме за време на кризата со Ковид-19, е да се осигураме дека иднината на оваа земја, децата, ќе ја продолжат наставата без пречки, изјави Дестани.
Приелпскиот градоначалник Илија Јованоски рече дека станува збор за исклучително вредна донација, која ќе има големо значење за учениците од социјално ранливите категории.
– Оваа донација, благодарејќи на тетовското семејство Дестани ќе предизвика радост кај 100 ученици од Прилеп. Со помош на донираните таблети, учениците ќе може непречено да ја следат он-лајн наставата, која поради неможноста да набават дигитална опрема, на еден начин ги остави надвор од образовниот процес. Од тој аспект, иницијативата и хуманоста на семејството Дестани добива на уште поголема важност, рече Јованоски. ем/сп/