Кавадарци, 29 април 2020 (МИА) – Безброј пчели денеска го покрија телото на Мите Ташев од Кавадарци. Дваесет и деветгодишниот пчелар раскажа за МИА дека и во време на коронавирус, како и во изминатите десетина години, другарува со пчелите.
Има и сопствени пчелни сандаци, но овие фотографии се направени во пчеларникот на вујко му Ване Честојанов во Стоби, со кој заеднички се препуштаат на страста на пчеларството.
– Две години се подготвував за еден ваков предизвик, сакав тоа мое другарство со пчелите да го овековечам и на ваков начин. Без да носам опрема за заштита, како што тоа го правам вообичаено. Во ова време пчелите излегуваат од сандаците и се ројат, бараат најразлични растенија со мирис како маточина на пример. Се намачкав со феромон мирис кој ги потсетува на маточина, за да ги привлечам да дојдат и да се фотографираме заедно. Не се плашам, реков дека одамна другарувам со пчелите, малку е чудно само чувството кога ме лазат. Една две ме боцнаа на крај, но тоа не е ништо, нагласи Ташев.
Тој додаде дека медот е здрав и еколошки производ и порача сите да го консумираат, со што придонесуваат кон сопственото здравје.
На наше прашање одговори дека не им бае на пчелите ниту пак има некој посебен ритуал кога другарува со нив, но дека многу добро го познава нивниот начин на живот и дека му се чини оти поради неколкугодишното пријателство, како да го научил нивниот јазик. свд/нд/