Скопје, 28 април 2020 (МИА) – Премиерот Оливер Спасовски во гостувањето во емисијата „Одговорете им на луѓето“ на Федералната телевизија на Босна и Херцеговина посветена на состојбата и справувањето со здравствено-економската криза заради коронавирусот во земјите во регионот, информираше за актуелниот момент на оваа тема во нашата земја и истакна дека стратегијата за одговор на оваа закана дава резултати со повеќе оздравени отколку новозаразени, и дека тоа е резултат на дисциплината на граѓаните кои ги прифатија мерките како неопходни, потоа на исклучителната посветеност на здравствените работници, на вработените во МВР и во Армијата кои во овој период се на висина на задачата и мерките да се спроведуваат максимално дисциплинирано.
Во емисијата, во која учествуваа и премиерот на Црна Гора, Душко Марковиќ, потпретседателот во Владата на Србија и министер за трговија, туризам и телекомуникации Расим Љајиќ и министерот за сигурност на Босна и Херцеговина Фахрудин Радончиќ, тема на разговор беа и економските мерки што ги преземаат земјите од регионот за ублажување на последиците за стопанството и економијата.
Како што соопшти владината прес-служба, Спасовски истакнал дека многу бргу со мерките за заштита од коронавирусот од здравствен аспект, дојдоа и економските мерки за справување од последиците по стопанството и економијата.
– Со првиот пакет интервентни мерки беа опфатени 254 компании и 2.853 вработени во микро, мали и средни компании. Заедно со третиот циклус за овие мерки се обезбедени нешто повеќе од 10 милиони евра. Во тек е реализацијата на вториот пакет економски мерки кој главно предвидува директната помош од 14.500 денари месечно за секој вработен, за месеците април и мај, за сите фирми погодени од кризата. Сумата што ќе ја добие секој работник од компаниите што ќе аплицираат, за двата месеци, април и мај, изнесува речиси 500 евра, односно по 14.500 денари месечно. Освен да се задржат тековните плати на вработените, оваа мерка е наменета и за зачувување на работните места, рече премиерот Спасовски во емисијата „Одговорете им на луѓето“ на Федералната телевизија на БиХ.
Спасовски говореше и за значењето на регионалната соработка во решавањето на бројните прашања од итност што ја наметна здравствено-економската криза со коронавирусот, и истакна дека ова посебно дојде до израз во организацијата на спроведувањето на безбедните хуманитарни коридори со кои се обезбеди враќањето на државјаните на Северна Македонија од земјите со висок ризик во нивната татковина и со тоа регионалната соработка го положи тестот.
Едно од прашањата од интерес во емисијата беше и мигрантската криза за која тој потсети дека Северна Македонија зазеде став да дозволи влез на мигранти на својата територија и дека ќе спроведува политика на нула толеранција во однос на евентуалните обиди мигрантите да ја преминат границата.
– Без разлика на корона кризата, ја следиме внимателно и таа ситуација, но главно нема разлика во однос на нашиот став. Во однос на мигрантската криза, Северна Македонија ја градеше својата политика на две основи – едната е европската политика во делот со справувањето со мигранти, а другата е регионалната соработка, односно политика која е заедничка со земјите од регионот. Нема справување со било каков мигрантски бран ако сите земји заедно не носат заеднички ставови и одлуки и ако не соработуваат меѓу себе, рече премиерот Спасовски во гостувањето во емисијата „Одговорете им на луѓето“ на Федералната телевизија на Босна и Херцеговина. нд/бак/