Имајќи ја предвид настанатата ситуација во која мерките за ограничување на движењето сериозно влијаат на физичкото, емоционалното и психолошкото здравје на децата, а дополнително неможноста да остваруваат лични односи и контакти со родителот со кого не живеат, ги прави децата уште повеќе ранливи, смета Народниот правобранител.
Тoj упати низа препораки меѓу кои, со особено внимание да се анализираат ефектите на мерките и да се разгледаат здравствените, социјални, образовни, економски и рекреативни влијанија на пандемијата врз правата на детето и да се обезбедат гаранции дека одговорите на пандемијата, вклучително и ограничувањата и одлуките за распределба на ресурсите, го отсликуваат принципот на најдобар интерес на детето.
Го повикува Министерството за труд и социјална политика преку надлежните органи, вклучително и Меѓуопштинските центри за социјална работа редовно и континуирано да го следи начинот и динамиката на остварување на правото на лични односи и контакти меѓу децата и родителот со кого не живеат, и следствено соодветно да реагираат, почитувајќи го принципот на најдобар интерес на детето.
Исто така, од нив бара да преземат мерки со цел превенирање, заштита и спречување на какво било насилство и злоупотреба на децата во семејството, установите/институциите и други форми на вонинституционално згрижување. Следствено, навремено и соодветно да интервенираат со цел заштита на децата од штетните последици по нивниот живот, здравје, опстанок и развој.
До Министерството за образование и наука, како и другите надлежни органи во сферата на воспитанието и образованието на децата, апелира континуирано да го следат начинот на учење преку интернет, со цел да се обезбедат гаранции за интеракцијата меѓу учениците и наставникот/ите. Да се преземат мерки за обезбедување на потребната поддршка за децата и семејствата кои имаат ограничена или пак, немаат пристап до технологија или интернет, или немаат соодветна родителска поддршка. Како и да се изнајдат достапни алтернативни решенија за да имаат корист од упатствата и поддршката што ја даваат наставниците, со што ќе се превенира состојба на нееднаквост меѓу децата.
За децата кои потекнуваат од сиромашни семејства, децата кои живеат во субстандардни услови, децата без елементарни услови за живот, да им се овозможи остварување на основните услуги, вклучително здравствена заштита, пристап до чиста вода за пиење и санитарни јазли, со цел одржување на потребната хигиена, која меѓу другото е задолжителна во вакви услови.
Исто така, потребно е надлежните инситуции да го интезивираат постапувањето за оние деца кои не се запишани во матичната книга на родени.
Во препораките не се изоставени и децата чија ранливост е зголемена (деца со попреченост, деца на улица, деца со проблеми во однесувањето сместени во вонинституционални форми на згрижување (мали групни домови, згрижувачки семејства), деца баратели на азил, непридружувани деца, бегалци, внатрешно раселени деца, како и оние лишени од слобода). За нив е потребно да се преземат мерки за почитување на правото на секое дете на недискриминација, смета Народниот правобранител.
Тој апелира до институциите каде децата се лишени од слобода, и во кои се донесени мерки за ограничување на посети и можности за контакти поради вонредната состојба да се преиспитаат мерките што забрануваат посети или пак, да се обезбедат други начини (алтернативни) за одржување на редовен контакт на децата со нивните семејства и блиски роднини, секако почитувајќи ги притоа протоколите за хигиена и одржувањето на други стандарди, имајќи го предвид фактот дека овие контакти се еден од значајните фактори за ресоцијализација и промена на однесувањето кај децата во судир со законот, односно децата во ризик.
За децата со попреченост, децата мигранти и оние со ограничен пристап до интернет Народниот правобранител смета дека е од големо значење да им се обезбедат точни информации за вирусот, начините за заштита односно спречување на инфекцијата, на јазик и формати кои што се разбирливи и достапни за нив.
„Со оглед дека станува збор за деца, односно ранливи групи, имајќи ги предвид можните негативни влијанија на настанатите промени врз нивниот целокупен раст и развој, секогаш кога е можно да се слушне и земе предвид мислењето на децата“ препорачува Народниот правобранител.