Утрински Весник
Македонија

Зголемен е бројот на случаи на семејно насилство за време на карантинот

Здруженито ЕСЕ бара од надлежните итни мерки за заштита нa жените, жртви на семејно насилство

Борбата против коронавирусот принуди многу земји ширум светот да преземат ригорозни мерки, вклучително и спроведување на полицискиот час, со цел луѓето да останат во своите домови што е можно повеќе. Ваквите мерки, иако помагаат да се спречи понатамошното ширење на вирусот, во некои случаи имаат и несакани ефекти. Присилниот престој дома ги зголеми веројатноста, а реално и случаите на семејно насилство, пренесува Порталб.мк.

Генералниот секретар на ООН Антонио Гутереш, неодамна ги повика владите да преземат акција против „ужасниот глобален пораст на семејното насилство“.

Во меѓувреме, Санела Шкријел, заменик министер за труд и социјална политика, истакна дека овој феномен е веќе присутен во Македонија.

За зголемувањето на случаите на семејно насилство говорат и податоците на Министерството за внатрешни работи. Според одделот за откривање и анализа на криминалот во Бирото за јавна безбедност, во периодот јануари – март годинава имало зголемување на случаите на семејно насилство, споредено со истиот период лани. Во периодот јануари – март минатата година, бројот на кривични дела поврзани со семејно насилство бил 207, додека годинава тој број е зголемен на 241. Од нив жртви на семејно насилство од машки пол се евидентирани 47 случаи, додека случаи во кои жртвата е од женски пол има 207.

Оваа година е зголемен и бројот на поплаки поврзани со семејно насилство. Во периодот јануари – март минатата година овој број изнесувал 780, додека годинава е зголемен на 920. Во однос на градовите, најмногу поплаки се регистрирани во СВР Штип, каде лани имало 153, додека годинава овој број се зголемил на 188. Втор град со најмногу случаи е Битола, каде минатата година имало 161 поплаки за семејно насилство, додека годинава 179.

Потоа доаѓа градот Скопје со 145 случаи. Градот Велес го удвои бројот на поплаки за семејно насилство споредено со минатата година. Во периодот јануари – март 2019 година, во СВР биле регистрирани 75 случаи, додека во истиот период годинава, овој број достигна 145 случаи.

Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство се обрати до Владата пред неколку дена со барање во кое се бара ослободување од санкции на жените жртви и нивните деца кои ги напуштаат своите домови заради директна закана и опасност од насилство.

Министерството за труд и социјална политика ги охрабри потенцијалните жртви на семејно насилство да се јават за помош на броевите 02/157000 и 02/15315. Исто така, Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство ги објави броевите за правна помош (071/464 019), психолошка помош (075/255 154) и за социјални права (071/324 223).

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Лукаревска: СДСМ поднесе амандман за поддршка на зелената транзиција и намалување на загадувањето

НСО: Исплатени обврските кои беа заостанати од потпишувањето на колективниот договор

Раде Штекли нуди плата од 3.000 евра – еве што се бара