Утрински Весник
Македонија

Демант на Државниот Инспекторат за животна средина

Демант на Државниот Инспекторат за животна средина

Скопје, 13 април 2020 

Заради подобро запознавање на медиумите и пред се засегната јавност со работата, правата, обврските на Државниот Инспекторат за животна средина информираме следно:

Државниот Инспекторат за животна средина како и останатите државни инспекторати во државата од месец мај 2014 година, согласно член 194 став 7 од Законот за животната средина има својство на правно лице, со сопствена буџетска сметка како буџетски корисник од прва линија, самостојно спроведува постапки за вработување согласно со закон и одлучува за правата и обврските од работен однос. Инспекторатот административно како и сите останати инспекторати е орган во состав на матичните министерства, во случајов орган во состав на Министерството за животна средина и просторно планирање. Со Министерството Инспекторатот има непречена соработка и комуникација, односно Инспекторатот ги следи Националните Стратегии во различни области спроведува надзор над управните акти кои ги издава министерството (дозволи, елаборати итн), учествува во реализација на проекти, работни групи итн.

Директорот на Инспекторатот како и сите останати директори на инспекторатите е именувано лице од страна на Владата на Република Северна Македонија со полн мандат од четири години. Истиот за својата работа и за работата на Државниот Инспекторат за животна средина, одговара пред Владата на Република Северна Македонија.

Со постоечкиот Закон за инспекциски надзор се уредуваат условите и начинот на издавање и одземање лиценца за инспектор, правата и должностите на инспекторите, основите за организација и работа на инспекциските служби, основните права и обврски на субјектите на инспекциски надзор, основањето, статусот и работата на Инспекцискиот совет, начинот и постапката на вршење инспекциски надзор, како и други прашања кои се однесуваат на инспекцискиот надзор.

Во моментов во Инспекторатот работат 2 Раководители на Сектори и тоа: Раководител на Сектор за инспекциски надзор во животната средина и природата воедно и инспектор, Раководител на Секторот за Водостопанска Инспекција воедно и инспектор, Раководител на Одделението за инспекциски надзор во животната средина и природата-Скопски регион воедно и инспектор, 2 Државни Инспектори за животна средина задолжени за Скопски регион и Помлад Инспектор

за животна средина за Скопски регион, потоа 5 Државни Инспектори во Одделението за инспекциски надзор во животната средина и природата-Полошки регион од кои 4 Државни Инспектори за животна средина (3 во Тетово, 1 во Гостивар) и 1 Државен Инспектор за заштита на природата-Гостивар. Во Одделението за инспекциски надзор во животната средина и природата-Пелагониски и Југозападен регион работат Раководител на Одделението воедно и Државен Инспектор за животна средина со седиште во Битола и Државен Инспектор за животна средина со седиште во Охрид. Во Одделението за инспекциски надзор во животната средина и природата-Вардарски и Југоисточен регион работат два Државни Инспектори за животна средина 1 во Струмица и 1 во Гевгелија, а третиот Државен Инспектор во Велес поради здравствени причини од 23.09 замина во инвалидска пензија. Во Одделението за инспекциски надзор во животната средина и природата-Североисточен и Источен регион работи 1 Државен Инспектор за животна средина со седиште во Пробиштип.

Во Секторот за Водостопанска инспекција работи веќе погоре споменатиот раководител и уште 1 Водостопански Инспектор со седиште во Прилеп во рамки на Одделението за водостопанска инспекција-Запад.

Во Државниот Инспекторат за животна средина во текот на 2019 година се реализирани две нови вработувања на 1 Водостопански Инспектор и 1 Помлад Инспектор за животна средина, а во завршна фаза се две превземања на искусни овластени инспектори за животна средина од 2 општини со повеќе од десетгодишно искуство како инспектори, се чека на финално мислење од Министерството за финансии, а веќе има за истите одобрение од Министерството за Информатичко Општество и Администрација.

Во однос на организациски документи, Државниот Инспекторат за животна средина изработи Функционална Анализа со сите дополнителни документи табели, интервјуа на вработени по законската методологија кои важат за сите останати државни институции, по што пристапи кон изработка на нова систематизација, при што овие документи беа претходно одобрени од страна на Инспекцискиот Совет како и сите останати документи Програми, извештаи итн., а во моментов се чека на мислење од Министерството за Информатичко Општество и Администрација по што врз основа на Планот за вработувања ќе биде отворен јавен оглас за прием на Државен Инспектор за заштита на природата за Охридскиот регион, Државен Инспектор за животна средина со седиште во Куманово, Државен Водостопански Инспектор, помлади инспектори за води и животна средина и уште едно преземање на овластен инспектор за животна средина од општина, а со новата систематизација ќе постои ново Одделение за инспекциски надзор во

областа на заштита на природата, како и посебно Одделение за финансиски прашања согласно обврска од законодавството од областа на финансиите.

Со постоечките човечки ресурси, Државниот Инспекторат има капацитет согласно легислативата да ги извршува ефикасно, квалитетно своите обврски по доста обемното законодавство од околу 25 закони и околу 250 подзаконски акти. Планирањето на инспекциските надзори се работи врз основа на Методологија за процена на ризици при што секој инспектор индивидуално согласно територијата и областа за надзор изготвува детални квартални планови за вршење редовни инспекциски надзори, кои може да бидат генерални или тематски, односно рутински или нерутински надзори. За 2020 година е планирано изработка на Стратегија за спроведување на законодавството во период од 3-6 години посебно за сите Плански региони со ЕУ Проект, односно планирање на бројот на надзори спрема број на инсталации, медиуми, области и останати индикатори за кои има и посебна европска методологија.

Државниот Инспекторат и останати други 4 државни инспекторати согласно подзаконски акт имаат воведено дежурства повеќе од една година и секоја сабота по системот Регион Скопје, Исток и Запад има по еден дежурен инспектор во канцеларија/терен, а сите инспектори по завршување на работното време се во т.н пасивно дежурство и без оглед дали станува збор за редовен или празничен ден, во било кое време во денот инспекторите вршеле, вршат и ќе вршат вонредни теренски надзори кога за такво нешто имало потреба по јавување на МВР, ЦУК, ДЗС, барање од Инспекциски совет итн. Истата пракса ќе продолжи и во иднина, а мора да ја нагласиме одличната соработка со Општините Карпош, Гази Баба, Ѓорче Петров, Аеродром, Кисела Вода, Центар од скопските општини каде локалните инспектори во многу наврати комуницираат со Државниот Инспекторат за животна средина за решавање на одредени предмети, како и нагласената соработка со локалните инспектори за животна средина од Општините Велес, Куманово, Прилеп, Охрид, Неготино, Кавадарци и останатите општини воопшто. Постои редовна соработка со Царинската Управа, УХМР, ДЗС, ЦУК, МВР-Еуропол и Интерпол, Универзитетите во државата, Центрите за Јавно Здравје, Институтот за Јавно Здравје, Хидросистеми, Хидробиолошки Институт, Министерства, Општини, останати Државни Инспекторати, Инспекциски Совет, меѓународни мрежи, правосудни органи во државата, граѓански организации, граѓани, медиуми итн…

Во рамките на ЕУ Твининг Проектот 2015-2016 година за зајакнување на администартивниот капацитет за спроведување на законодавството во областа на животната средина на централно и локално ниво беа изработени детални анализи на состојбите во државата со инспекцискиот систем во животната средина со предлог за нивно подобрување со три понудени модели, беше изработен Предлог Закон за инспекција во животната средина кој после 4 години конечно е преработен од страна на Секторот за ЕУ при Министерството за животна

средина и просторно планирање во соработка со Инспекторатот и е планирано негово донесување до крајот на 2019 година. Беа изработени многу корисни документи пред се Водич за Инспекторите и целата инспекциска постапка која заедно со управната, прекршочната и кривичната се дел од голем дел законски постапки, потоа беа изготвени Листи за проверка, останати Водичи за отпад, посебен кус водич за форензика при земање мостри вода, воздух, почва од страна на акредитирани лаборатории итн итн. Сите овие документи се достапни на Интернет страницата на Инспекторатот www.sei.gov.mk, која во моментов е во фаза на редизајн и за кусо време во текот на есента на посебна тематска прес конференција истата ќе биде промовирана.

Во продолжение на ова соопштение посебно би сакале да се осврнеме на погрешно дадената изјава на Државната Секретарка при Министерството за животна средина и просторно планирање Ана Петровска при гостувањето во Емисијата Топ Тема на ТВ ТЕЛМА емитувана на ден 24.09. Државната секретарка која за жал или од лична неинформираност за состојбите во Инспекторатот или од сосема погрешна информираност изјави дека на денот на случувањето на еколошкиот инцидент 22.09-недела со излевање на отпадна вода измешана со материјали со железо во река Вардар сите инспектори од Државниот Инспекторат за животна средина биле на службен пат. Со овој допис ја демантираме оваа изјава како неточна, со намера да се наштети на интегритетот на Инспекторатот и на инспекторите посебно, што дава погрешна слика кај јавноста за реалната состојба во Инспекторатот, посебно кога е ова изречено од висок функционер на Министерството за животна средина и просторно планирање, што зачудува, бидејќи со Кабинетот на Министерот и Заменик Министерот имаме редовна и коректна комуникација.

На денот на случувањето на инцидентот само 1 Државен Инспектор за животна средина кој е воедно и Раководител на Одделението за инспекциски надзор во животната средина и природата-Скопски регион бил на службен пат, додека Раководителот на Секторот за инспекциски надзор во животната средина и природата задолжен за цела држава, останатите 2 Државни Инспектори за животна средина задолжени за Скопски регион како и Помладиот Инспектор за животна средина исто така за Скопски регион од ниту една институција не биле комуницирани, ниту известени за настанатиот инцидент. За жал за инцидентот не бил известен ниту Директорот на Државниот Инспекторат за животна средина, односно инспекторите се информирале преку медиумите во доцните вечерни часови, по што во понедленикот наутро се реализирани трите вонредни инспекциски надзори.

Исто така треба да се напомене дека и покрај декларативните заложби искажани во медиумите од страна на Инспекторатот на Град Скопје за подобрување на соработката помеѓу Инспекторатот на Град Скопје и Државниот Инспекторат за животна средина, известуваме дека

во неделата на 22.09 Инспекторатот на Град Скопје и покрај добиените сознанија за еко инцидентот и извршениот вонреден инспекциски надзор на лице место од нивна страна не го известил воопшто Државниот Инспекторат за животна средина, ниту пак до денот на ова соопштение е доставена било каква документација од нивна страна.

Во понеделникот 23.09 согласно законските надлежности на Државниот Инспекторат за животна средина направен е вонредниот надзор и информацијата за истите беше проследена во првото соопштение. Одлуката за координирани надзори со останати инспекторати ја носи секој инспекторат поединечно врз основа на претходни консултации, што во случајов како што кажавме погоре немало.

Врз основа на вонредниот надзор на лице место од 23.09, Записникот за констатација од страна на Државниот Инспектор за животна средина и Доставениот Допис од страна на сторителот на инцидентот, донесено е Решение за ограничување односно забранување на работата на Погонот Лужилница во рамки на правниот субјект Арцелор Митал, Скопје превземен од Либерти Хаус Груп, кое решение е со максимален рок согласно Законот за животната средина или до отстранување на настанатиот дефект. Доколку дефектот биде отстранет порано Инспекторатот врз основа на писмено известување од правниот субјект заедно со одговорното лице од Министерството за животна средина и просторно планирање кое ја издава А-ИСКЗ Еколошката Дозвола (Интегрирано Спречување и Контрола на Загадувањето-ИКСЗ) ќе направи контролен надзор, по што ќе следи понатамошна постапка.

Од страна на правниот субјект Арцелор Митал, Скопје на ден 26.09 е доставен до Државниот Инспекторат за животна средина Извештај од тестирање од 4 различни места на истражни води од река Вардар кои се земени на ден 22.09 од страна на службите на ЈП Водовод и Канализација Скопје.

Наведениот Извештај е доставен претходно до Арцелор Митал, Скопје записнички од страна на Инспекторатот на Град Скопје на ден 23.09 и тоа попладнето по завршувањето на вонредниот надзор од страна на Државниот Инспекторат за животна средина, а не е доставен директно до Државниот Инспекторат за животна средина иако за тоа телефонски од страна на Овластениот Инспектор за животна средина од Градот Скопје кој бил на надзор во неделата 22.09 Државниот Инспекторат беше известен во понеделникот на ден 23.09.

Мострите истражни води од ЈП Водовод и Канализација, Скопје се земени неколку минути пред 12 часот на ден 22.09-недела односно околу 8 часа по настанувањето на инцидентот што е релативно доцен период на земање мостри, а истите не се земени во присуство на Државен Инспектор за животна средина поради неинформираност од ниедна институција, а согласно процедурата треба да се земат мостри и

од местото каде што е случен инцидентот заради комплетирање на постапката, бидејќи информацијата која е доставена до медиумите неделата попладне/вечерта била дека сомнежот е на загадувач-сторител од комплексот Железара каде работат повеќе од педесетина правни субјекти, но поради отсуството на комуникација на Инспекторатот од Град Скопје со Државниот Инспекторат за животна средина овие податоци не се земени во Комплексот Железара, така што веќе тестираните 4 мостри не беа релевантни при носењето решенија и санкции од страна на Државниот Инспекторат за животна средина кон правниот субјект и одговорното лице.

Информација за јавноста дека во главниот колектор во индустрискиот комплекс Железара се вливаат: -Фекални води од сите постоечки компании и фирми во кругот на поранешната фабрика Железара преку посебна фекална канализација, -Атмосферски води од кровните конструкции од објектите, кои се вливаат дел преку фекалната канализација и дел преку посебната атмосферска канализација, -Атмосферски води од сливните површини од патиштата и паркинзите преку посебна атмосферска канализација. Во главниот колектор преку канализациони приклучоци се вливаат води и од градската канализација од населбите Бутел, Железара, П.З.У Ре-Медика и Ј.З.О Здравствена станица Железара. Надвор од индустрискиот комплекс по трасата на колектор кон реката Вардар со канализациони приклучоци се вливаат и води од поодделни фирми и тоа: поранешна објекти од Годел-Кожара, Тинекс, Сепарација на Бетон, ЕМУЦ, АСУЦ, приватни фирми, семејни куќи и други корисници. Сите води преку колекторот се испуштаат во реката Вардар.

Врз основа на член 212-ж став 1 точка 1 од Законот за животната средина, а во врска со член 20 од истиот закон, Државниот Инспектор за животна средина на ден 27.09.2019 година поднесе Записник за почнување на постапка за спогодување за сторен прекршок од трета категорија согласно Законот за животната средина и истиот беше потпишан од страна на одговорното лице во правното лице Арцелор Митал, Скопје. Висината на прекршокот изнесува максимални 100.000 ЕВРА во денарска против вредност за правниот субјект, односно 30% од одмерената глоба за правното лице му се изрекува на одговорното лице односно максимални 30.000 ЕВРА доколку комисијата донесе одлука за санкционирање на правниот субјект со максимална казна. Бидејќи Записникот за спогодување на ден 27.09 беше потпишан, Државниот Инспектор за животна средина ќе достави Барање за поведување на постапка за спогодување до надлежната Комисија за спогодување при Министерството за животна средина и просторно планирање која ја носи финалната одлука во врска со овој случај како на пример во случајот со Депонијата Дрисла кога беше казнета од страна на Комисијата.

Државниот Инспекторат за животна средина останува како и секогаш отворен за комуникација со засегнатата јавност, се со цел навремено и точно

информирање во врска со инспекциските надзори во областа на заштитата на животната средина како релевантен орган за прашања поврзани со инспекциската постапка која е доста комплексна и кога се говори за истата тоа треба да се прави од лица кои имаат големи познавања за истата.

Република Северна Македонија Државен Инспекторат за животна средина

директор, Fejzula Spahija

_________________________________________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Приведен косовски државјанин баран од Интерпол на ГП Богородица

Муцунски очекува инцидентот со Вјоса Османи мирно да се реши

Приведен крадец во Куманово – 24info.mk