Утрински Весник
Македонија

Продолжување на забраната и посебниот режим на движење за Велигденските празници

Продолжување на забраната и посебниот режим на движење за Велигденските празници

Скопје, 13 април 2020 (МИА) – Владата на Република Северна Македонија на денешната 40-та седница го разгледа и усвои предлогот за продолжување на забраната и посебниот режим на движење на територијата на Република Северна Македонија за време на претстојниот христијански празник Велигден, односно забраната за движење ќе започне од 17 април 2020 година (петок) од 16:00 часот и ќе трае до 21 април 2020 година (вторник) до 05:00 часот.

Како што соопшти владината прес-служба, согласно оваа забрана и посебен режим на движење, Владата го задолжи Министерството за внатрешни работи да ги интензивира контролите околу верските храмови за време на претстојниот празник.

Дополнително, со одлука на Владата е усвоен предлогот на Главниот координативен кризен штаб од состанокот што се одржа денеска, од четврток 16 април во 16:00 часот, до 05:00 часот во вторник 21 април  да се забрани движење и групирање, односно да се затворат сите паркови, излетнички места, места за рекреација во националните паркови и шуми, како и викенд населбите за време на периодот на забраната и посебен режим на движење за претстојниот празник, а Министерството за внатрешни работи да ги интензивира контролите на овие места.

За лицата над 67-годишна возраст останува активна забраната во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 10:00 до 12:00 часот. Во понеделник, 20 април, за овие и за сите други граѓани има целосна забрана.

За сите лица до 18 години останува активна забраната за движење во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 13:00 до 15:00 часот. Во понеделник, 20 април, за овие и за сите други лица има целосна забрана.

На оваа своја седница Владата констатира дека е завршен периодот на постоење на кризната состојба на подрачјата на општините Дебар и Центар Жупа и дека оваа состојба ги даде очекуваните резултати на здравствен план.

Со завршување на постоењето на кризната состојба на овие подрачја, Владата заклучи да продолжат да се спроведуваат постојните одредби од донесените одлуки, заклучоци, мерки и препораки на Владата за време на вонредната состојба на целата територија на Република Северна Македонија. дма/рп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Петрушевски: Ограбена држава – 560 милиони евра за пруга кон Бугарија и тунел кој нема излез, за СДС и ДУИ било важно само да тендерираат

Пороен дожд, грмежи и ветер во гостиварскиот регион, невремето доаѓа во Скопје

Министерството за внатрешни со детали за исчезнувањето на 14-годишната Клара