Утрински Весник
Македонија

Денеска е Цветници

Денеска е Цветници

Скопје, 12 април 2020 (МИА) – Православните христијани денеска го слават празникот Цветници познат уште и како Цветоносна недела и Врбица.

Цветници секогаш е една недела пред Велигден и се празнува во спомен на влегувањето на Исус Христос во Ерусалим, градот во кој по неколку дена ќе биде погубен. Кога Христос влегуваше во Ерусалим, луѓето го пречекуваа со извици, постилајќи ги облеките пред неговите нозе и засипувајќи го патот со маслинови гранчиња пречекувајќи го како цар на мирот небесен.

Саботата пред Цветници се вика Лазарева сабота или Лазарица. Според преданието, во саботата умрел Лазар од Витанија, а во неделата Исус го воскреснал. Поради тоа во народот неделата се смета за поголем празник од саботата.

Според тогашните закони учител можело да биде само лице што наполнило триесет години. Исус веќе четврта година го проповедал своето учење, а бидејќи за Пасха мноштво народ доаѓал во Ерусалим за да го прослави празникот и Исус по четврти пат доаѓал како учител. Но тогаш разбрал дека неговиот пријател Лазар од Витанија е тешко болен. Исус веднаш се упатил таму, но стигнал четири дена по неговата смрт и по погребот. Сестрите на Лазар Марта и Марија го прекориле Исуса велејќи му дека ако дојдел навреме немало Лазар да умре. Марта му рекла: „Господи, ако беше Ти овде, немаше да умре брат ми. Но и сега знам што и да посакаш од Бога, Бог ќе ти даде“. Легендата вели дека Бог сакал Лазар да умре за врз него да се манифестира силата Божја. Кога дошол до гробот Исус го повикал Лазара: „Лазаре, излези надвор“. И Лазар веднаш излегол завиткан со платно на рацете и нозете и со крпа околу лицето. Сите што го виделе тоа се почудиле и поверувале дека Исус е синот Божји. Со овој чин Исус уште повеќе се здобил со слава. И пак се упатил кон Ерусалим.

Кога стигнал во подножјето на Маслиновата гора Исус пратил двајца свои ученици во Витфагија да му донесат осле (магаре) и ослица. Им рекол: „Одете во селоно, што е наспроти вас и веднаш ќе најдете врзана ослица и осле со неа; одврзете ги и доведете ми ги. А ако ви рече некој нешто, ќе му кажете дека му се потребни на Господа и веднаш ќе ги прати“. Учениците ги донесле, а потоа ги ставиле на ослето своите облеки врз кои седнал Исус и така влегол во Ерусалим поздравен од мноштво народ. Ваквиот пречек на Исус во Ерусалим бил последица од неговата голема популарност меѓу народот уште повеќе зголемена по воскреснувањето на Лазара. Се поставува прашањето, зошто Исус во Ерусалим влегол качен на магаре? Толкувачите на Светото писмо истакнуваат дека кај источните народи магарето било симбол на мирот наспроти коњите што служеле за водење војни. Магарето мирно му служело на човекот како што и Исус му служел на народот. Пречекувајќи го Исуса воодушевениот народ со цвеќе, врбови гранки, но и со својата облека го постилал патот и пеел: „Осана на синот Давидов. Благословен е оној кој доаѓа во името Господово. Осана на вистините“. Во спомен на ова свечено влегување на Исус во Ерусалим уште од најраните христијански времиња е востановен празникот Цветници кој, меѓутоа, се празнува од III век. На иконите овој чин е насликан како Исус јава на магаре, а неговите ученици и народот му го постилаат патот со цвеќе и облека.

Воскреснувањето на Лазар претставува предвесник на Христовото воскресенување, но и праобраз на општото воскресение на сите луѓе при Второто Христово пришествие. Затоа, впрочем и има големо значаење. Со своето воскресение Исус потврдил дека претстои воскресение за сите луѓе. „Значи нема да воскреснат само праведниците, а грешниците да исчезнат, туку сите ќе воскреснат и ќе се претстават пред Страшниот Христов Суд.“ Како што при Рождеството Христово зборуваме за две природи односно за раѓање на Богочовекот, Богомладенецот Исус така и во овие празници, исто така, гледаме дејство на двете природи Божјата и човечката. И тие природи секогаш дејствуват неразделно, односно слеано при што едната ја помага другата. „Затоа кога Христос ги вршеше Божествените нешта содејствуваше човечката природа, а кога ги вршеше човечките нешта, тогај содејствуваше Божјата природа. „светите отци, за да ја прикажат оваа вистина, велат дека секоја природа дејствуваше „преку другата“, т.е. во заедница со другата природа.“

Токму во случајот со воскреснувањето на Лазар се гледа како дејствуваат двете природи. „Хритос како човек заплака за смртта на Својот пријател Лазар, но како Бог, со Својата Божествена сила го воскресна.“ Во евангелските текстови се вели дека Христос двапати просолзил. Еднаш тоа е при веста за смртта на пријателот Лазар. И со тоа Христос ја покажува својата човечка природа. „Солзите Христови укажуваат на човечката природа, и тоа дека ја прими целокупната природа. Така, Христос и на тој начин покажува дека освен што беше совршен Бог, беше и совршен и целосен човек.“

Во петроградското списание „Живаја старина“ во 1889 година објавени се повеќе обичаи и песни од Галичник запишани од Панајот Ѓиноски меѓу кои и такви што се изведувале на Цветници. „Цветници ја наречуваме Цветоносна недела, т.е. неделата што е пред Велигден. Утрината рано помладите невести ќе се променат во нова промена до тога необлечена, ќе си клает нов сокај и преврзок на глава или на чело и дарпна врзана и заедно со сфекрвите си, ќа си поет в цркоф на причесна. Напред требит да се причестит дете 3-5 годишно, пак по него невестата. Ако немат свое дете куќно ќе земет од некоја роднина, а без дете не се причестуват невестата, така гледает. В црков раздавает цвеќа (над кое пејана молитва) на сите, зато се таја недеља наречуват цветна.“ И во Скопско на Цветници се одело во црква од каде секој земал китка цвеќе, ја ставал во појас и ја носел цел ден. Во селата на Скопска Црна Гора тој ден се раздавал здравец, а по службата во црквата жените служеле баница, погача, ракија и слично. Во гостиварското село Вруток на празникот Цветници се одело на цвеќе. „Напред по цвеќе одевме на Цветници во местото што се викат Бука. Таму беревме каќунки, петопрс, здравец и други цветќа. После се враќавме назад и се допиравме ке чешмата на Ласко-Равен. Туе ќе си ручавме посно јадење: риба, маслинки и друго. Нестите и дејките ќе го китеа зравецот и другото цвеќе. После ќе пеевме, оро ќе тргаа нестите и ќе си пеа, а мие машките-ергените и младоженците гледавме како играат. И мие машките игравме само ко имаше тʼпан.“

Свети пречистански преподобномаченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј Преданието раскажува дека на 27 март (с.с.) 1558 година како и обично монашкото братство од манастирот „Пречиста – Кичевска“ се подготвувало за утринска литургија. Тогаш манастирот бил нападнат од османлискиот аскер кој ги пустошел македонските манастири. Монасите го напуштиле манастирот и се засолниле во околната шума каде што ја довршиле литургијата. Само тројца од монасите: Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј останале во манастирот готови да го примат маченичкиот венец. Пред разбеснетиот аскер тројцата монаси ја манифестирале силната љубов кон верата, и решеноста да примат жртва во името на својот Спасител Исус Христос. Тие биле подложени на страшни измачувања, а потоа им биле отсечени главите. Кога останатите монаси и мирјаните ја завршиле литургијата во блиската шума и кога се вратиле кај манастирот виделе страшна глетка. Манастирот бил запален, а телата на тројцата свети старци и духовни учители лежеле кај манастирската црква во местото Господинец. Селаните од околните села, заедно со ужалените монаси од манастирот се собрале околу светите тела на тројцата преподобномаченици, тагувале и ги бакнувале со стравопочит и со солзи во очите. Со силното молитвено застапништво на светите тројца преподобномаченици, застанати пред престолот на севишниот Бог и под покровителство на Пресвета Богородица, светата обител на се распуштила. За шест години бил изѕидан нов храм од камен. Во 2012 година Македонската православна црква ‒ Охридска Архиепископија ги прогласи за светци. (За МИА подготви Марко Китевски)

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Верниците се простуваат од упокоениот митрополит Дебарско-кичевски Тимотеј

Царинска управа: спречен шверц на цигари, облека и хардверски делови, како и нелегален влез на илегални мигранти од Иран и Сиера Леоне

ВМРО-ДПМНЕ: Каранфилова Пановска работеше да го донесе Заев на власт, кој на Македонија и ги направи најголемите национални предавства