Владата на вчерашната 37. седница овозможи електронски да се следат пациентите со корона вирус, како и лицата што биле во контакт со нив.
Истовремено, беше прифатена и понудата за апликација за таа намена, донација од приватна компанија. Станува збор за мобилната апликација StopKorona! и Владата го овластила министерот за здравство Венко Филипче да го потпише Договорот за донација помеѓу „Некстсенс ДОО“ и министерството.
„Користењето на оваа мобилна апликација е на доброволна основа од страна на граѓаните на Република Северна Македонија“, соопшти владата вчеравечер.
На седницата беше донесена Уредба (која има еднаква сила како и закон) со која, заради рано откривање, спречување на ширењето и сузбивање на новиот корона вирус, односно утврдување дали некој бил во контакт со заразен со вирусот, како и за негово информирање за тоа, Министерството за здравство да може да користи интернет платформи, апликации и други форми на електронско услуги.
„…при што во однос на обработката на личните податоци се применуваат прописите од областа на заштита на личните податоци, како и соодветни технички и организациски мерки за да се обезбеди ниво на безбедност на личните податоци соодветно на ризикот…“, соопшти Владата.
На 37-та владина седница вчера прифатена е и донацијата од Турција, која за здравствениот сектор во земјава бесплатно ќе достави 50.000 парчиња заштитни медицински маски, 1.000 заштитни скафандери и 1.000 дијагностички тестови.
Другите решенија може да ги прочитате тука.