Пандемијата со корона вирусот донесе низа промени во секојдневното живеење и ги принуди луѓето без оглед на возраста, да ги сменат своите навики. Ограничувањето на движењето ги изолираше луѓето во „четири ѕида“, а со тоа се ограничија и активностите на секој човек што претходно можеше да ги извршува надвор од домот. Ова не ги исклучи децата и младите кои сега, освен што ќе мора да ја следат наставата преку онлајн платформи, ќе мора да најдат и алтернативи за социјалниот живот.
Лиценцираниот психолог Христина Стефановска, која веќе 12 години работи исклучиво на теми поврзани со деца и младинци вели дека сега сите сме ставени на тест каков дом и конструкција од безбедно засолниште сме создале и во рамките на истото дали сме изградиле механизми и алатки на справување со забрани кои се од општествено функционален карактер. Додава, дека вонредната ситуација кај децата и адолесцентите ќе предизвика различно однесување согласно нивното развојно доба.
„Кај децата од предучилишна возраст нема да забележите негативни емоции или манифестации на однесување доколку им го дадете она што за нив е најважно во овој период а тоа е игриво и топло детство. Особено децата кои подолготрајно посетувале предучилишна установа ова прибежиште кон домот не можат да го заменат со ниедно друго задоволство на светот“, вели Стефановска.
Во тој поглед, клучно е како што вели таа, родителите да ја дозираат количината и содржината за дадената состојба на ограничено движење, а забраната да ја реваншираат со игра. Освен тоа, потребно е тие се проследат себеси, дали можеби континуираното седење пред екраните или претерано чистење на домот, го занемарува детето „некаде во ќош“ од каде што го набљудува однесувањето на своите родители.
„Тука може да наидете на револт и наплив на негативно однесување кое ќе се должи на пораката која му ја праќате дека вие сте загрижени и сепак нешто многу опасно се случува. Овде доаѓаме до моментот дека не сте обезбедиле безбедна средина и сте посејале страв кај вашето дете. Сега ни е важно освен тоа што ја посматраме неговата игра да влезме во светот на детето, таму каде што тоа се наоѓа и да бидеме поврзани со него“, додава таа.
Во однос на училишните деца, Стефановска вели дека ограниченото движење нема да создаде дополнителен револт од причина што овде врсничката интеракција е важна но не и најважна. Кај нив се создадени некои дијадни врски, важно им е да останат поврзани, а таа интеракција умеат да ја одржат и надокнадат на социјалните мрежи, да се допишуваат, си праќаат слики, зборуваат на телефон и тоа им доволно.
„На овие деца поголем психолошки терет им создава онлајн наставата, од причина што таа бара ново адаптирање на психолошкиот капацитет па таквиот притисок кај нив може да предизвика одредени негативни и деструктивни форми на однесување од повлекување до агресија. Онлајн наставата врши и индиректен притисок на самиот родител каде дел од родителите се обесхрабрени и изолирани, а дел преамбициозни и премногу вклучени, постојат и такви кои се тука некаде во средината и се обидуваат да го амортизираат стресот“, појаснува таа.
Во ова развојно доба, таа потенцира дека е важно родителите да бидат присутни но и да остават простор за индивидуално истражување.
„Тоа би значело дека не би требало да родителот во овој период е пренапорен и настојчив во своите барања, во смисла нагло да влегува во детската соба, со директни прашања што правиш, кога ќе учиш, ја напиша ли домашната, ја испрати ли или непотребни коментари од типот не губи време сега на ова, имаш попаметни работи и сл“.
Но, кога станува збор за адолецентите ограниченото движење и наглите функционални промени ќе допринесат до поголема фрустрираност од причина што на тинејџерот му се од особено значење социјалните врски и ваквото физичко дистанцирање во зависност од темпераментот на детето ќе даде низа непријатности и негативни емоции на бес, гнев, лутина.
„На интровертните деца ова изолирање нема да им направи значителен емотивен хаос од причина што тие се задоволуваат и со добра виртуелна комуникација. Проблемот ќе се јави кај екстровертите деца кои имаат силни мотиви на физичка вклученост и потреба од забележаност од страна на врсниците што сега им се ускратува. Овде веќе се активни и партнерските врски кои дополнително ја засилуваат емотивната сфера на адолесцентот“, објаснува психологот.
Тинејџерот има силна потреба да се бунтува, да ги руши семејните или општествените правила и да им пркоси на возрасните авторитети од причина што на тој начин го бара својот глас и авторитет. Стефановска посочува дека во овој период подобро е да соработуваме и компромитираме со адолесцентот отколку да му се закануваме, критикуваме или осудуваме.
„Родителите најчесто го гледаат она што за нив самите е видливо и према тоа и реагираат. Го гледаат тоа што децата премногу поминуваат на екран, се жалат, се спротивставуваат, игнорираат, одбиваат, лажат, се прикрадуваат, се расправаат. Но ако го погледнат она внатре што се случува во тинејџерот, можеби и самите ќе се исплашат. Таму има загриженост, беспомошност, недостаток на вештини, недостиг на конекција, нерегулирани емоции, досада, страв, конфузија, немоќ, грижа за сопствениот социјален статус. Да се обидеме во ова време кое сега го имаме во изобилие да се конектираме меѓусебно, да се почувствуваме, да дишиме заедно без да си пречиме еден на друг“, заклучува Стефановска.