Куманово, 2 април 2020 (МИА) – Од денеска, кумановци ќе можат да купуваат на двата зелени пазари, откако претходно на една од седниците на општинскиот Кризен штаб беше донесена одлука да се отворат пазарите три дена во неделата.
Граѓаните можат да се снабдат со овошје и зеленчук на двата пазари што ќе работат од 8:00 до 14:00 часот, три дена во неделата вторник, четврток и недела, под посебен режим.
– Продавачите носат маски и ракавици, купувачите исто така се должни да ги почитуваат правилата за држење растојание од најмалку два метри. Воедно, ангажирана е редарска служба која пушта само по двајца купувачи, имаме подна бариера, изјави директорот на ЈП „Пазаришта“, Илир Саити.
На една од седниците на општинскиот кризен штаб, се задолжи ЈП „Пазаришта“ Куманово да ги отвори зелените градски пазари за потребите на граѓаните да можат да се снабдуваат со прехранбени стоки и земјоделски производи. Купопродажата се одвива под посебен режим на работа во деновите вторник, четврток и недела со скратено работно време.
По завршување на работниот ден задолжително ќе се дезинфицира целата површина на пазарот.
Од претпријатието ги информираат граѓаните дека на Зелениот пазар не работат второто и третото ниво. ам/ев/