Скопје, 23 март 2020 (МИА) – Припадниците на Воената полиција во Армијата на Република Северна Македонија, денеска активно се вклучуваат во обезбедување на објектите од витално значење, меѓу кои Владата, Собранието и затворите во Скопје.
Од Министерството за одбрана информираат дека се врши реорганизација и зајакнување на обезбедувањето на резиденцијата на Претседателот со армиско обезбедување. Обезбедувањето, подвлекуваат, ќе се врши во комбинирани тимови со единиците на полицијата.
– Изминатите два дена, припадниците на Армијата од своите колеги од полицијата се запознаваа со овластувањата, процедурите и задолженијата за извршување на оваа задача. Информираме дека армиските припадници, обезбедувањето на објектите ќе го вршат во армиска униформа, а на себе ќе го имаат личното формациско вооружување, појаснуваат од МО.
Обезбедувањето на овие објекти се прави во целосна координација со Министерството за внатрешни работи, а е врз основа на Уредбата на Владата за утврдување на задачи на Армијата во периодот додека трае вонредната состојба.
– На овој начин, Министерството за одбрана и Армијата превземаат дел од обврските од Министерството за внатрешни работи и овозможуваат полициските сили да ги фокусираат своите капацитети кон задачите, чија главна цел е почитувањето на воведените владини мерки за спречување на ширењето на коронавирусот, се вели во соопштението од МО.
Армијата и полицијата заеднички ги вложуваат сите свои капацитети во заштита на безбедноста и јавното здравје. цр//са/