Утрински Весник
Македонија

Полицискиот час во земјава генерално се почитува, исполнети 25 отсто од капацитетите на Инфективната клиника

Полицискиот час во земјава генерално се почитува, исполнети 25 отсто од капацитетите на Инфективната клиника

Скопје, 23 март 2020 (МИА) – Полицискиот час, што стапи во сила од синоќа во периодот од 21 до 6 часот, според оценките на надлежните институции, генерално се почитува.

Во текот на минатата ноќ, поради непочитување на забраната за движење во текот на полицискиот час, од слобода биле лишени 18 лица и тоа шест во Кочани, пет во Тетово, по две во Гостивар, Куманово и во Радовиш и едно во Штип. Во, исто време, на 74 лица им биле изречени опомени поради непочитување на забраната.

Според здравствени извори, во моментов со лица инфицирани со коронавирус се пополнети 25 проценти од капацитетите на легла на Клиниката за инфективни болести во Скопје, а само еден пациент е приклучен на апарат за дишење.

Покрај ова, во рамки на градската болница „8 Септември“ за евентуален прием на заболени со Ковид-19 се подготвени уште 400 кревети. Сите гинеколошки предмети пак, се препраќаат во клиниката во Чаир.

Што се однесува до лекот против коронавирусот, според здравствените извори, засега нема сигурна терапија, иако има позитивни показатели на анти-ХИВ и анти-САРС терапијата, односно на комбинација на Сумамед и Кинин. Засега во земјава има доволни количества на овие лекови, а во тек  се преговори и за нивно производство во домашни фармацевтски компании.

Здравствените експерти очекуваат дека вакцината против Ковид-19 ќе биде во функција во текот на 2021 година.

Смртноста на инфицираните од коронавирусот на глобално ниво изнесува околу 4,5 проценти. Исклучок од ова е Италија, каде стапката на смртност е околу 10 отсто, што, според експертите, првенствено се должи на староста на инфицираното население.

Во земјава, според здравствените извори, нема автохтоно жариште на болеста, туку потеклото на заразата е од лица што престојувале во странство, па затоа се очекува преземените рестриктивни мерки да дадат резултати во спречување на ширењето на вирусот.

Надлежните институции најавуваат дека ќе продолжат со организирање  хуманитарни летови за враќање во земјава на нашите државјани што се наоѓаат во странство, иако им се препорачува да останат во државите во кои престојуваат, а да им се даде предност за враќање на оние што се заглавени на аеродромите и на граничните премини по патиштата.сп/скс/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Тошковски: Некој намерно отвора хајка против МВР преку случајот со „шпионажа“ од кабинетот на претседателката

Премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ утре во посета на Македонија

Давкова ќе ги додели наградите за иновација, лидерство и влијание во ИТ екосистемот „Women in Tech® Macedonia Awards”