Скопје, 23 март 2020
СКРМ е создаден и делува на принципот на солидарност и волонтеризам и ги поддржува сите мерки кои ќе помогнат за надминување на здравствената и економската криза. Свесни сме дека новонастаната состојба директно ќе влијае врз нашиот досегашен живот, скратувајќи и ограничувајќи голем дел од нашето нормално секојдневие. Но, исто така сме свесни дека во време на криза дека треба да сме водени од потребите, а не од желбите.
За жал, една од мерките предложени од претседателот на СДСМ, Зоран Заев, која се однесува на намалување на платите во јавниот сектор на ниво на минимална плата во овој момент е избрзана и би ги скратила основните потреби на голем дел од населението. Донесувањето на такви радикални мерки по грбот на обичниот граѓанин, логично е да следува по претходно спроведени анализи и консултации со сите засегнати страни, во подолг период на криза во државата. Платите на вработените во културата и онака не се на завидно ниво и вакво драстично двомесечно намалување, ќе предизвика штета на подолг рок.
За таа цел, обидувајќи се да го задржиме принципот на солидарноста, но и самите да го издржиме периодот што претстои, даваме забелешки и предлози кои се надеваме дека ќе бидат разгледани и спроведени:
– Кратењето на платите да се одвива процентуално, во зависност на висината на платите или како праг да биде земена просечната плата, а не минималната плата.
– Вработените во културните и уметнички институции кои одработуваат 40 часа неделно и во времето на кризата, да не подлежат на мерките за намалување на платата (најчесто персонал за обезбедување и одржување на објектите) ;
– Вработените кои се самохрани родители да не подлежат на мерките;
– Вработените кои имаат хронични болести или се родители на дете со хронична болест да не подлежат на мерките;
– Вработените кои имаат три или повеќе деца да добиваат дополнителна финансиска помош;
– Бремените жени исто така да не подлежат на мерките, бидејќи овие мерки ќе имаат реперкусии на примањата кои ќе ги добиваат во боледувањето;
– Освен одложувањето за плаќање на кредити од страна на банките, бараме замрзнување на киријата за станување за оние вработени кои живеат во изнајмени станови;
– Намалување, одложено плаќање или плаќање на рати на режиските трошоци за време на здравствената криза;
Вработените во културата, како и во останатите јавни сектори, се во најголем дел луѓе кои имаат поптпросечни примања, немаат заштеди, ниту повеќе извори на прилив како што имаат сопствениците на големите компании во приватниот сектор и ние можеме само да помогнеме на економијата, но не и да ја спасиме, за разлика од граѓаните со високи месечни примања. Се надеваме дека ќе Владата ќе ја има предвид нашата моментална финансиска состојба пред да ги донесе овие предлог мерки и да го доведе јавниот сектор на колена и со тоа да остави оние кои и во нормални услови тешко преживуваат, да го понесат најголемиот товар на општеството.
Совет на Синдикат на културата на Република Македонија (СКРМ)
___________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.