Делчево, 19 март 2020 (МИА) – Започна чистењето на објектите за колективно домување со дезинфекција на влезовите, скалите и на заедничките простории што ги користат станарите. Со цел да им се излезе во пресрет на куќните совети, од Општина Делчево информираат дека во соработка со Јавното комунално претпријатие „Брегалница“ обезбедиле доволни количини средства за дезинфекција, па дел од куќните совети ја искористија оваа можност и со соодветни садови и почитувајќи ги мерките за употреба на средствата, добија дезинфициенси од Територијалната противпожарна единица Делчево.
– Во таа смисла се информираат и останатите претставници од куќните совети во Делчево, доколку не можат да обезбедат средства за дезинфекција, потребно е да се јават во ТППЕ во Делчево. Исто така известуваме дека во текот на денешниот ден, а согласно со Заклучоците од Главниот координативен штаб се задолжија сите одговорни лица во маркетите, продавниците, аптеките, банките и сл. кои работат на територијата на Општина Делчево, да постават нагазни патеки (флекери) на влезот во нивните објекти кои ќе бидат натопени со соодветно средство за дезинфекција на обувки, како на купувачите, така и на вработените, велат од Општината.
Оваа мерка, како што додаваат, ќе биде преземена во сите институции, банки, пошти и наплатни центри.
Во меѓувреме во селата од збиен тип во Општина Делчево, екипи на ТППЕ Делчево извршија миење и дезинфицирање на пофреквентните улици во селата Разловци, Тработивиште, Вирче, Град, Стамер, Ѕвегор и Габрово, а мерката за редовно миење и дезинфицирање на улиците, како што дополнија од Општината продолжува и денеска со миење на улиците во селото Ѕвегор.
За утре е најавено и темелно миење и дезинфицирање на Граничен премин Делчево. вс/мс/