Скопје, 17 март 2020 (МИА) – Центарот за јавно здравје Скопје спроведува голема акција за дезинфекција во сите детски градинки, основни и средни училишта, лоцирани на територијата на Општина Кисела Вода.
Од општината соопштија дека работните активности за превенција и заштита на здравјето на граѓаните од коронавирусот, Центарот за јавно здравје во соработка со Општина Кисела Вода ги врши врз основа на заклучоците и препораките донесени од Владата и Министерството за здравство.
Со цел за заштита на здравјето од коронавирусот, градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски апелира до граѓаните во целост да ги почитуваат препораките дадени од Владата и Министерството за здравство и упатува голема благодарност до медицинските лица, полициските службеници и до сите останати вклучени во борбата против коронавирусот, стои во соопштението. рп/са/