Утрински Весник
Економија

МНР испрати нота до словенечко и хрватско МНР за нови конвои

МНР формира координативно тело за помош на граѓаните кои се затекнати на граничните премини и аеродороми

Скопје, 15 март 2020 (МИА) – Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија информира дека со сите свои ресурси и напори, преку дипломатско-конзуларните претставништва во Љубљана и Загреб, се обидува да обезбеди што поскоро транзитирање преку словенечка и хрватска територија и безбедно враќање дома на сите наши превозници.

– Испративме и нота до словенечкото и хрватското МНР, со барање за што поскоро вклучување на македонските превозници (лесни возила, комбиња, автобуси и камиони) во следните планирани конвои од словенечка и хрватска страна.  Во тој контекст, МНР Никола Димитров од утринските часови е во постојана комуникација со Министерството за надворешни работи на Словенија, кризниот штаб и амбасадорот Јазбец, се наведува во соопштението од МНР.

Во врска со застојот на македонските автопревозници на италијанско-словенечката граница, од МНР информираат дека вчера е обезбеден конвој за одреден број македонски превозници, кои беа придружувани од словенечката полиција и транзитираа преку словенечка територија на пат кон крајната дестинација – Република Северна Македонија.

Од Министерството за надворешни работи на Словенија и Словенечкиот кризен штаб известуваат дека најмалку 3.000 превозници чекаат на граничните премини на италијанско-словенечката граница и уверуваат дека постојано организираат конвои, внимавајќи на правично учество на превозниците од сите држави во регионот. аа/ев/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Периодот на консолидација заврши, следува период на раст на економијата, се пофали Мицкоски

Прашањето за минималната плата отворено на ЕСС, нема изгледи за зголемување

Нова методологија за пресметка на потрошувачката кошничка најави Дурмиши