Скопје, 15 март 2020 (МИА) – Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница ги потврди кандидатските листи на партијата Глас за Македонија за пет изборни единици.
Носител во првата изборна единица на Глас за Македонија е Солза Грчева, во втората Адријана Богдановска Тоскиќ, во третата изборна единица Лидија Горачинова Илиева, во четвртата Гоце Златев и во петата Наташа Котлар Трајкова.
Претседателот на ДИК Оливер Деркоски информираше дека утре попладне или најдоцна до вторник би требало да бидат потврдени и другите листи на политичките партии укажувајќи дека според последните измени на Изборниот законик сега постапката поради проверката на кандидатите трае подолго. Уверенијата за неосудуваност и други податоци се проверуваат преку судовите од страна на ДИК и за доставување до ДИК судовите имаат 24 часа да одговорат електронски, а потоа документите да ги достават до Комисијата по пошта. Има рок и за отстранување на неправилностите на листите.
Членот на ДИК Елизабета Постоловска укажа дека во некои од листите кои допрва треба да се потврдуваат се забележани одредени неправилности, како на пример не е запазена законската одредба за соодност мажи – жени на листите. Укажа дека откако ќе се добијат податоците за неосудуваност од судот, овие партии ќе мора да ги заменат кандидатите и во тој случај за тие кандидати сами ќе треба да ги извадат документите како државјанство и уверение за неосудуваност.
ДИК пред утрешниот состанок на Советот за безбедност свикан кај претседателот Стево Пендаровски во врска со ширењето на коронавирусот на денешната седница побара од државниот врв да ја преиспита одлуката за одржување на предвремените парламентарни избори на 12 април. ев/дма/