Атина, 15 март 2020 (МИА) – Атина е празна како да е август, вели вработена во продавница за кафе за носење во близина на плоштадот Синтагма, а веројатно оваа реченица најдобро ја илустрира сликата во грчката престолнина.
Дописничката на МИА од Атина, во текот на вчерашниот ден, од претпладневните часови, па се до раните вечерни часови направи обиколка во неколку различни населби во Атина, вклучувајќи го и строгиот центар. Вчера, воедно беше и првиот ден откако стапија во сила строгите и уште поригорозни превентивни мерки на грчката влада за да се спречи дополнително ширење на коронавирусот.
Полупразни улици, намалена фреквенција на возила, празни автобуси и метро станици затворени кафулиња и ресторани, но полни супермаркети, плажи и пазари, ваква беше вчера сликата во грчката престолнина.
Сончевото и топло време, температурата од околу 24 степени, стави многумина од Грците во искушение да излезат од дома, но како почнуваше да го снемува сонцето, така и се намалуваше фреквенцијата по улиците, за во вечерните часови да биде целосно празен градот за кој е невообичаено да биде толку тивок.
Но, „тоа е за наше добро“, велат дел од Грците.
Слоганот „Остануваме дома“ од кампањата на грчката влада, го повторија неколку граѓани во разговор со дописничката на МИА од Атина, објаснувајќи дека излегле „да земат воздух, кафе и да се згреат на сонцето“.
-Да, излегов, но сам сум, не одам во гужви и места каде што има многу луѓе, вели млад Грк.
Во Грција, исто како и во многу други земји, затворено е речиси сѐ. Единствено отворени се аптеките, супермаркетите, продавниците, угостителските објекти и кафулиња што имаат take away и delivery служба, како и мобилните пазари.
Токму мобилните пазари кои што работат два пати седмично во различни населби, вчера беа едно најпосетените места.
Иако препораките за седење дома, пред сѐ се однесуваат на, како што велат во Грција „нашите баби и дедовци“, еден од мобилните пазар што го посети дописничката на МИА од Атина, беше преполн со стари лица.
-Страв ми е од вирусот, но што да правам, треба да испазарам, вели една постара жена и додава дека „кој и да излезе од дома да пазари, може да се зарази, така да исто е“.
Еден од продавачите, коментира дека вчерашниот ден, според посетеноста, наликувал како секој друг обичен ден.
Редици во супермаркетите
Кога на 26 февруари беше потврден првиот случај на коронавирусот во земјата, Грците ги фати „коронапаника“ и веднаш почнаа да ги празнат супермаркетите, па коментарите беа дека ситуацијата потсетува на летото во 2015, кога беа затворени банките и воведен лимит на трансакции (capital control).
-Нема споредба со тогаш, вели во разговор со дописничката на МИА од Атина, одговорен во еден од најголемите синџир супермаркети во Грција.
Сега, по строгите превентивни мерки и зголемувањето на бројот на случаи на заразени со коронавирусот, Грците и сопствениците на супермаркетите се справуваат со нова и на некој начин непозната ситуација.
-Посетеноста е многу зголемена и денеска, но и во изминатите денови. Од ден на ден се зголемува. Најчесто купуваат тоалетна хартија, салфетки, средства за чистење, од храна се трошат макарони, ориз, грав и леќа. Но, гледам дека купуваат и месо и овошје и зеленчук, вели одговорниот во супермаркетот, кој додава дека имаат доволно залихи на храна.
Вработените во супермаркетот, постојано се обидуваа да ги пополнат испразнетите рафтови.
Идентична беше ситуацијата и во другите супермаркети – празни рафтови, полни колички и редици на касите.
На вчерашната прес конференција во Министерството за здравство, професорот Сотирис Циодрас, задолжен за коронавирусот рече дека потребно е во редиците да нема над пет лица и меѓу нив да се држи растојание од еден до два метри.
-Сите имаме индивидуална одговорност. Не можеме да наметнеме полициски мерки во супермаркетите. Супермаркетите се и ќе останат отворени. Нема потреба од паника. Рековме, епидемијата на страв и паника е полоша од епидемијата на вирусот, порача Циодрас.
Освен супермаркетите, отворени се и аптеките, за кои постојат посебни мерки, односно дозволено е во внатрешноста да има најмногу двајца муштерии, а останатите да чекаат надвор, на растојание еден од друг.
Фармацевтите со кои поразговара дописничката на МИА од Атина, велат дека антисептици и хируршки маски немаат, побарувачката е зголемена и прават обиди во текот на следната седмица да набават.
Туристи најбројни во центарот на Атина
И додека Грците повторно ги „нападнаа“ супермаркетите, туристите „го нападнаа“ центарот на Атина.
На една од најпопуларните улици во строгиот центар на Атина, „Ерму“, поради големиот број продавници, повеќе се слушаше англиски и германски јазик отколку грчки.
-Во Германија има многу повеќе случаи отколку во Грција. И знаете што? Германците паничат многу повеќе од Грците. Овде е мирно, коментира Германка која заедно со нејзините пријателки дошле на продолжен викенд во Атина.
Автобусите и вовчето за туристичка прошетка и разгледување на грчката престолнина, работеа нормално, но со само неколку луѓе.
-Поголемиот број се Германци и Холанѓани, генерално се од Европа. Дојдени се на одмор, но гледаат што се случува и се по малку исплашени, велат возачите на еден од двокатните автобуси за разгледување на Атина, само неколку минути пред да започне следната тура, додека внатре, стрпливо чекаат четворица холандски туристи.
Пред споменикот на Незнајниот јунак пред грчкиот Парламент, во моментите на смена на претседателската гарда, пристигна група туристи. Дошле од Индонезија, денеска заминуваат за Санторини, а потоа повторни ќе се врата во Атина.
-Малку ми е страв од коронавирусот, но знам дека во Грција не е толку раширен, вели туристката.
Нивниот туристички водич објаснува дека резервацијата била направена пред извесно време, а коронавирусот не ги премислил и дошле во Грција. Единствениот „проблем“ со кој што се соочуваат се затворените ресторани.
Плажите полни – Мицотакис даде наредба да се затворат
На околу 15 километри од строгиот центар на Атина се наоѓаат неколку организирани плажи со лежалки, па дел од граѓаните, вчера, наместо дома, времето го поминаа на една од плажите, по што следеше експресна реакција од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.
-Само што дадов наредба, утре да се затворат сите организирани плажи и ски центри. Ситуацијата е сериозна и бара одговорност од сите. Ги избегнуваме јавните места со многу луѓе. Ајде сите да застанеме на новото, кое го бараат околностите. #остануваме дома, напиша синоќа грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на неговиот официјален „Твитер“ профил.
Според официјалните податоци, во Грција регистрирани се вкупно 228 случаи на Ковид-19 и три жртви.
Сања Ристовска