Скопје, 14 март 2020 (МИА) – Носителот на кандидатската листа на коалицијата „Можеме“, предводена од СДСМ, за првата изборна единица, Никола Димитров, во првото интервју од новата шема за изборна промоција, говореше и за тоа како тој завршил како носител на листата, кога не е член на СДСМ. Димитров призна дека се зближил со претседателот Зоран Заев затоа што заедно носат голем товар и качуваат големи планини.
-Јас бев дипломат од 1996 година. Судбина ми беше да се занимавам со тешките прашања. Напуштив кога видов дека тогашната власт и Груевски сосема го изгубија компасот и најдов работа во еден тинк тенк во Холандија. Но кога ги слушнав прислушуваните разговори почувствував една морална обврска да расчистиме со срамот. Јас бев во општата мобилизација на активистите во тоа време, се јавував, пишував, организирав, зборував, целата моја мрежа ја искористив и тогаш лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кога се затворија работите, кога имаше тешки маки, со шест месеци изгубени околу мандатот, ме викна да се вратам и да бидам министер. Луѓе кои носат голем товар и качуваат големи планини нормално е да се зближат. Не е ова време да се седи на страна. Ние го направивме пробивот и сега мораме да ја поставиме приказната цврсто на шините напред, рече Димитров.
Тој објасни дека во Северна Македонија нема опции кои нудат европска перспектива, туку тоа е само опцијата застапувана од СДСМ. Тоа најверојатно е уште една причина Димитров да оди на избори на листата на коалицијата „Можеме“.
-Нема друга опција во Северна Македонија која оди напред, нема натпревар кој повешто и кој подобро ќе оди, туку сме единствена опција која оди напред. Немаме политички мегдан, па да видиме кој ќе биде повешт, покреативен… Јас сум почестен што СДСМ и Заев ми ја дадоа оваа прилика и ќе дадам се од себе. Покажавме дека можеме, а „можеме“ имплицира преземање одговорност за својата судбина, што е антипот на кукањето колку е тешко и колку светот не е праведен, и ете така ние ќе бидеме само жртви во тоа сожалување. Ние старетешкиот пат го изодивме, имаме влез во НАТО, и се надевам многу брзо и преговори со ЕУ. Следната фаза е фазата дома, или илустративно во нашата куќа, па на ред е реновирањето, редот, греењето, светлината.. и тука ке покажеме дека можеме и повеќе и подобро. И ќе повторам – ќе не биде, кое е антипот на она што повремено го слушам дека од нас ништо не бидува. Ние не сме подолу од ниту еден народ во светот. Покажавме и ќе покажеме дека можеме, заклучи Димитров во образложението зошто верува во опцијата на СДСМ и зошто е носител на кандидатска листа. дма/