13 март 2020
Си-Ен-Ен, Атланта
Американскиот претседател, Доналд Трамп имаше намера со свечено обраќање од овалната сала во Белата куќа да ја смири вознемирената нација и економијата што тоне, но место тоа, направи уште поголема конфузија и сомнежи за тоа дали новиот коронавирус прерасна во криза.
Трамп и се обрати на нацијата во тежок момент, кога секојдневниот живот на Американците е нарушен. Се затвораат училиштата, прекината е НБА сезоната, болниците се под тревога, а актерот Том Хенкс и неговата сопруга Рита Вилсон се заразени со коронавирус, пишува Си-Ен-Ен.
Владее конфузија
„Вирусот нема да има шанси против нас. Ниту една нација не е поподготвена и поотпорна од САД“, изјави Трамп пред да ја изнесе розовата слика за економијата што веќе трпи големи последици поради коронавирусот. Трамп откри неколку мерки за заштита, пишува Си-Ен-Ен, за да им се помогне на работниците кои се во самоизолација и се погодени од блокади и карантини, иако неговиот повик за намалување на платите не е популарен во Конгресот.
Најавата на Трамп, чија цел е да го контролира вирусот, односно 30-дневната забрана за патување на Европејците кои патуваат во САД и ограничување на товарот, веднаш направи забуна. Трамп подоцна на Твитер објасни дека ги забранува патувањата, но не и прекуокенаската трговија со стоки, а службените лица истакнаа дека неговиот план не се однесува на Американците и луѓето кои се на одмор во САД, иако и тие ќе мора да се соочат со задолжителен карантин.
Трамп, исто така, предизвика забуна, кога изјави дека е уверен дека осигурителните компании ќе се откажат од сето осигурување за покривање на третмани со коронавирусот.
Претставник на Белата куќа подоцна изјави дека Трамп сакал да каже дека ќе се укине партиципацијата за тестовите за коронавирус, но ќе се плаќа за лекување на болеста.
Забуната беше симптоматична и за администрацијата, продолжува Си-Ен-Ен, која често има проблеми да осмисли конкретна политика и доследно да ја претстави. Главната задача на Трамп беше да покаже дека го има главниот збор и дека е конечно свесен за сериозноста на периодот што следува. Но забуната околу забраната за патување го претвори говорот на Трамп во еден вид дебакл и може да ја засили недовербата во неговото раководство.
А најавата за забрана за патување очигледно е објавена без консултација со туристичките организации и транспортната индустрија или сојузници на САД и се чини дека ќе предизвика големи нарушувања што ќе ја продлабочат веќе растечката економска штета поради кризата.
Ова не е финансиска криза
Овој потег може да предизвика масовно откажување на прекуокенските летови, со што воздухопловната индустрија може да доживее егзистенцијален предизвик. Веројатно тоа нема да придонесе за намалување на паниката на инвеститорите бидејќи вчера индексите на Вол Стрит се најдоа во слободен пад. На пример, Доу Џонс опадна за повеќе од 1.000 бодови по говорот на Трамп.
„Ова не е финансиска криза. Ова е само привремен момент што ќе го совладаме заедно како нација и свет“, изјави Трамп во своето обраќање.
На основно ниво, забраната за патување покрена основни прашања за тоа дали Трамп ја разбира кризата што досега ја минимизираше, ги обвинуваше Демокоратите за кризата и предвидуваше дека наскоро ќе исчезне, истакна Си-Ен-Ен.
Американското Министерство за внатрешна безбедност сугерираше дека од забраната за патување треба да бидат ослободени американските државјани и лицата со постојан престој, кои ќе треба да бидат ставени во карантин по враќањето дома. А Трамп не објасни ни зошто забраната не се однесува на државјаните на Велика Британија, каде вирусот, исто така, е присутен.
Но најголем проблем со кој САД се соочува не е бројот на случаи со коронавирус што доаѓаат од Европа, туку што вирусот е веќе проширен на американското тло. Актуелните прашања сега се вртат околу тоа како Американците треба да реагираат на ситуацијата и до кој степен треба да се променат секојдневните навики. Трамп ги советуваше да се воздржат од непотребни посети на домовите за стари лица, кои се ризични на вирусот.
Си-Ен-Ен истакна дека Трамп не објаснил како ќе го реши тоа што здравствените институции стравуваат дека болниците ќе бидат пренатрупани, од постојаниот недостаток на соодветно тестирање или претстојното трошење на ресурсите, недостаток на респиратори, потребни за да се одржат најтешките пациенти живи … Трамп изјави дека заканата се уште е „многу мала“ за секој освен за старите и немоќните. Тоа го направи истот ден кога еден од главните службеници за јавно здравје, д-р Ентони Фаучи, предвиде дека сегашната состојба, со повеќе од 1.200 пациенти и 38 мртви во САД, „ќе продолжи да се влошува“
Вирусот влијае врз се поголем број Американци
За поддржувачите на Трамп, неговото обраќање ќе биде одлучен и храбар потег за соочување со националните предизвици. Но, критичарите сметаат дека Трамп го следи стариот план – обвинува други за криза, се фали самиот, и со ксенофобијата ја залажува својата нација со досадни потези.
„Ова е најагресивен и сеопфатен обид за конфортација со непознат вирус во модерната историја“, изјави Трамп, лажно претставувајќи погрешни потези за неговата администрација и за него.
Американскиот претседател, на пример, не спомна недостаток на опрема за тестирање, посочува Си-Ен-Ен, што значи дека функционерите не можат да добијат доверливи информации за тоа колку се шири болеста низ целата земја
Претседателите на САД обично ја користат Овалната сала за обраќање во екстремни моменти за да ги поврзат Американците во борба против заканите за колективна безбедност. Но со безбојното, речиси болно обраќање, додека се соочува со надворешен предизвик што може да го загрози неговиот реизбор, веројатно нема да ја исполни претседателската мисија.
Неговиот главен лек, да ја обвини Кина, од каде и почна кризата и Европа што дозволи да биде погодена од епидемијата, е во согласност со неговиот политички маратон, демонизирање на странците, пишува Си-Ен-Ен.
Идејата дека вирусот што ги погодува сите луѓе и претставува природна непогода е еден вид закана од странски извори испратени да ги нападнат Американците, е зачудувачка во неговата концепција.
Додека вирусот го зајакнува притисокот во САД, Трамп најави низа мерки за поддршка на компаниите и поединците во форма на даночни олеснувања и намалени каматни стапки. Но, планот на Трамп за самоизолација на САД од Европа изгледа како случај на затворање на вратата од штала и покрај тоа што коњот веќе е цврсто врзан. Вирусот е веќе овде и инфицира сè повеќе Американци секој ден, заклучува Си-Ен-Ен. ки/сд/