Македонската дијаспора на претстојните парламентарни избори на 12 април најверојатно ќе може да гласа. До ноќеска на полноќ, до Државната изборна комисија (ДИК) пристигнале вкупно 7.508 пријави за гласање од граѓаните кои живеат во странство. ДИК досега прифатила 6.330 пријави, а во моментов во фаза на обработка се 1.164 пријави од гласачите. 475 пријави се одбиени, покажуваат податоците објавени на веб – страницата на ДИК.
За да се одржи гласањето за дијаспората на 12 април, потребно е да се прифатат како валидни минимум 6.540 пријави, со што на овој број на граѓани би им се овозможило да го остварат своите гласачко право во некое од дипломатско – конзуларните претставништва на нашата земја во странство.
Од ДИК засега нема информации на кој начин ќе се одвива гласањето во странство, земајќи го во предвид ширењето на корона вирусот во голем дел од западноевропските земји. За одржување на гласањето, неопходно е од нашата земја да се испратат претставници на избирачки одбори во дипломатско – конзуларните претставништва, додека граѓаните кои живеат во дијаспората ќе треба да патуваат до самите места за гласање.
Најмногу пријавени за гласање од македонската дијаспора има во Германија (1.264), Австралија (1.081), САД (896) и Италија (837). Според актуелните податоци на Министерството за здравство, токму овие четири земји се вклучени во групата на земји со висок и среден ризик за патување.