Утрински Весник
Македонија

ЗНМ и СЕММ со препораки за заштита на медиумските работници во време на Ковид-19

Поаѓајќи од важноста граѓаните да имаат точни и навремени информации, особено во услови кога од тоа зависи и општото здравје, укажуваме на потребата новинарите и медиумските работници кои се вработени и/или имаат работен ангажман во медиумите да имаат одредена заштита и услови, со цел да се избегне ризикот од нивна потенцијална зараза, се вели во денешното соопштение на ЗНМ и СЕММ.

„Од исклучителна важност е новинарите и медиумските работници безбедно да ја вршат својата работа, земајќи предвид дека поради природата на новинарската професија дел од нив директно се изложени на контакт со луѓе на отворен и затворен простор. Преку почитувањето на насоките на кои што упатуваат нашите две организации, Здружението на новинарите и Советот за етика во медиумите, ќе помогнете да ги заштитите новинарите, а со тоа и да обезбедите предуслови за објективно информирање на граѓаните во услови на здравствена криза,“ се вели во соопштението.

Во препораката до одговорните лица во медиумите, од ЗНМ порачуваат на новинарите и медиумските работници потребно е да им се обезбеди:

– Aлкохолни марамчиња и дезинфициенси за рацете, кои првенствено треба да бидат поставени на влезовите од медиумите, при што секој вработен треба да ги искористи пред да влезе во просториите на медиумот;

– На оние кои известуваат од терен да им се обезбедат истите средства за чистење на воланите, брзиноменувачите и влезните и излезните рачки на возилата, како и за чистење на стативите на камерите, како и за деловите од камерите кои доаѓаат во допир со рацете или лицето, а истото важи и за микрофоните што се користат на терен и во оф-тон кабините (глувите соби), како и за фотоапаратите;

– Да се обезбедат сапуни во сите тоалети и кујнски простории, како и соодветни хартиени бришачи за раце и тоалетна хартија;

– Заедничките простории во редакциите, како што се кујните, потребно е да се избегнуваат и да не се користат од повеќе лица во исто време;

– Ризичните групи на вработени, како што се хронично болните, повозрасните лица и бремените жени, да бидат ослободени од работните задачи кои треба да се извршуваат на терен, а доколку при разговор со нив се оцени дека треба да бидат ослободени од работните задачи тоа да им се овозможи;

– Во работните простории треба да се овозможи физичка одвоеност од еден до друг вработен од најмалку еден метар;

– Доколку се забележи дека кај некој од вработените постојат симптоми на корона вирусот според укажувањето на СЗО, да се даде совет за самоизолација од 14 дена и да се јави на некој од јавно достапните броевите за кои што информираше Министерството за здравство;

– Потсетуваме претпоставените лица да ги следат насоките и препораките на државата, а кои се однесуваат на ослободување од работни обврски на родител кој има дете до 10 години (активно четврто одделение) и за кое ќе се донесе потврда. Истото важи и за самохраните родители;

– Во услови кога не е нужно, се охрабруваат редакциите да избегнуваат организирање состаноци и колегиуми во поширок состав.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер

(Видео) Започнува нова епизода на подкастот Зрак со д-р Марина