Утрински Весник
Македонија

Делчевската библиотека со осмомартовски подарок – цвеќе и книга за повозрасните редовни читателки

Делчевската библиотека со осмомартовски подарок – цвеќе и книга за повозрасните редовни читателки

Делчево, 6 март 2020 (МИА) – Припадничките на понежниот пол од Делчево кои се редовни читателки долги години наназад, денеска по повод „8 Март – Меѓународниот ден на жената“, добија цвеќе и книга, како подарок од Јавната локална библиотека „Илинден“ од Делчево. Честитајки им го празникот, директорката на библиотеката, Билјана Петровска истакна дека љубовта кон книгата не познава години, за што како пример ги посочи повозрасните редовни читателки од Делчево.
-Оваа активност нека биде еден вид апел до сите наши читатели, не само од понежниот пол, да ја сакаат книгата, да читаат и да доаѓаат во библиотеката. Нашите денешни гостинки докажуваат дека добрата книга и читањето не познаваат години, време, граници и пречки. Воедно, сакам од име на ЈЛБ „Илинден“ на сите припаднички на понежниот пол да им го честитам денот на жената и овој пат повторно да потенцирам дека жената заслужува секој ден да и биде 8 март, а не само еден ден во годината, рече Петровска.
Надица Дамјановска и Соња Стојменова се едни од поредовните читателки, кои истакнаа дека со книгата се дружат од најмала возраст.
-Од прво одделение се дружам со книгата и можам да им се заблагодарам на нашите наставници, кои иако беа строги ни ја вродија љубовта кон книгата, која трае и до ден денес. Што се однесува до празникот 8 март, жената треба да се почитува 365 дена во годината, но таа самата треба да се избори за да биде почитувана. Исто така, таа самата треба да се избори да биде фактор во општеството, рече Дамјановска.
Од делчевската библиотека додадоа дека од почетокот на годината библиотеката бележи зголемен број на читатели, кои во најголем дел се припаднички на понежниот пол.
-Редовни читателки сме и многу сме изненадени пријатно од раководството на библиотеката, за што им се заблагодарувам за вниманието. Инаку што се однесува до 8 Март – Меѓународниот ден на жената мислам дека доволно се застапени жените во секоја сфера на општественото живеење за разлика од другите градови, рече Стоименова. вс/рп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Гаши: Секој пратеник нека одлучи по свое сопствено убедување за интерпелацијата

АлтернАтивА го освежува раководството на партијата со нови кадри

Презентација на Истражувањето за млади и безбедност во Северна Македонија