Утрински Весник
Политички Партии

ЦК на ВМРО-ДПМНЕ во вторник ќе ги потврди листите за пратеници (ДПЛ)

ЦК на ВМРО-ДПМНЕ во вторник ќе ги потврди листите за пратеници (ДПЛ)

Скопје, 4 март 2020 (МИА) – ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата официјално листите со кандидати на пратениците за изборите на 12 април ќе ги презентира на јавен настан што ќе се одржи во среда на 11 март. Претходно кандидатите и носителите на листите треба да бидат потврдени на седница на Централниот комитет што ќе се одржи  на 10 март во вторник соопшти денеска на прес-конференција лидерот на партијата, Христијан  Мицкоски.

Деновиве, рече тој, привршуваат анализите во партијата и договорите со коалициските партнери и многу скоро би можело да се знаат имињата на носителите на листите.

– Според она што го договоривме, во вторник ќе имаме Централен комитет на партијата, кога ќе бидат усвоени практично пратеничките листи и составот на коалицијата со која што ВМРО-ДПМНЕ ќе настапи на изборите, а во среда веќе ќе имаме настан каде што ќе биде јавна презентација на истите, рече Мицкоски.

До вторник, додаде тој, ќе се знае дали тој како лидер на партијата ќе биде носител на некоја од листите.

Во врска со преименувањето на две училишта  во општина Чаир рече дека нема зошто да ги коментира  различните изјави на Зоран Заев и кажа дека советничката група на ВМРО-ДПМНЕ гласала против овој предлог кој, како што додаде, се прави во предизборен период кога граѓаните се чувствителни за одредени теми.

– Ставот е дека тоа е направено на незаконит начин, на кој што се силуваат процесите во државата, и сето тоа се случува во предизборен период кога јавноста е сензибилизирана, рече Мицкоски.

Потоа тој навраќајќи се на ова прашање на новинарите рече дека ја коментира само процедурата и дека воопшто не зборува за имињата на тие училишта.

Укажа дека за министерот е важно преименувањето на две училишта во Чаир, но не и на пример реформирањето и реконструкцијата на  Средното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово каде учениците учат во супстандардни услови.

Коментирајќи го дополнителниот извештај на ЕК што беше објавен вчера, Мицкоски рече дека го прочитал и дека се согласува со него само во едно нешто, а тоа е барањето да се отпочнат преговори за влез на земјата во ЕУ, но потенцира дека тој ни оддалеку не ја отсликува реалноста во секторите што се наведени.

Мицкоски изрази убедување дека и да дојде тој датум тој процес ќе го води нова влада која ќе биде предводена од ВМРО-ДПМНЕ која, како што повтори, има непроменет став во однос на интегрирањето на земјата во ЕУ.

Според него, до колку после изборите влада формира СДСМ и Зоран Заев земјата никогаш нема да дојде до посакуваното членство.

Одговарајќи на новинарско прашање Мицкоски рече дека не може да се сложи дека билбордите на кој осамна ликот на Зоран Заев и кој вчера беа пребојувани се црна кампања, туку кажа дека тоа е констатирање на реалноста.

– Јас навистина не можам да се сложам со вас дека е тоа оцрнување, тоа е само констатирање на реалноста. Како што ја констатираме и таа реалност, каде што лидерот на партијата која што е практично наш политички опонент, во својство на градоначалник на општина, самиот кажува тоа што го кажува таму на билбордот. Јас не знам, ако вистината го боли тогаш еве нека се разбере тоа како оцрнување, рече Мицкоски.

Според Мицкоски, освен што билбордите се бојадисувале, вечерта биле и палени.

Полицијата фати лица кои ги палат овие билборди, рече Мицкоски, упатувајќи порака дека по 12 април ќе има одговорност.

– Да им порачам да бидат достоинствени, да ја прифатат критиката, да не уништуваат приватен имот, кривична одговорност има, нека не слушаат слепо наредби од луѓе кои што ќе треба да се соочат со одговорност после 12 април, рече Мицкоски.

На прашањето за ставот на ДУИ  за постизборна коалиција победник со победник кажа веќе дека го соопштил ставот и дека нема што да додаде на тоа прашање.ев/скс/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Митева: Денешната оставка на Ковачевски е почеток на крајот за СДС и ДУИ

Jana

СДСМ: ДПМНЕ е осамено на проруската агенда, против ЕУ и без коалициски партнери

Jana

Најголемата ИТ компанија во Македонија се ребрендира: Сеавус е сега Киншифт