Утрински Весник
Економија

АХВ: Неосновани обвинувањата од Трипуновски за безбедноста на храната

АХВ: ЕК даде одлична оценка за напредокот во делот на безбедноста на храната и фитосанитарната политика

Скопје, 3 март 2020 (МИА) – Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ќе поднесе кривична пријава  против дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, доколку, како што соопшти денеска, тој не престане со неоснованите обвинувања за безбедноста на храната и кревањето паника кај граѓаните.

Од АХВ го повикаа Трипуновски да престане да ја манипулира јавноста и да сее лаги дека храната во земјава не се испитува и оти е загрозено здравјето на граѓаните.

– Потврда за посветеноста во работата на АХВ е фактот дека токму минатата година, не е евидентирано ниту едно труење со храна кое завршило со болничко лекување, токму за временскиот период за кој Трипуновски, вчера и денес, неаргументирано ја обвинува Агенцијата за несовесно работење. Наместо сериозно да се посвети на работата за унапредување на положбата на производителите на храна, која ја носи функцијата дополнителен заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство која му е доделена во техничката Влада, поради безидејност и незнаење, Цветан Трипуновски и со денешната прес конференција, по кој знае кој пат, уште еднаш потврди, дека не само што не ги познава состојбите во областа на безбедноста на храната и здравствената заштита на животните, туку не се ни труди да ги научи. Манипулирањето на граѓаните и поигрувањето со нивното здравје, стана препознатливо за Трипуновски, кој неосновано обвинувајќи ги институциите дека не си ја вршат работата, од петни жили се обидува да се наметне во јавноста, наведе АХВ, во реакција на тврдењата на Трипуновски, кој обвини дека АХВ лани скоро шест месеци не вршела контрола на безбедноста и квалитетот на храната.

Од АХВ велат дека уште вчера  до јавноста испратиле официјални документи за извршени лабораториски испитувања на храната во земјава и од увоз кои минатата година изнесуваа вкупно 6929 мостри само од храна од животинско потекло и 376 мостри од храна од животинско потекло, храна за животни и нус производи од животинско од увоз, но Трипуновски не само што не ги зел во предвид, туку и денеска продолжил да ги манипулира граѓаните.

– На јавноста треба да и се извини Трипуновски, а не АХВ, за секојдневните груби манипулации кои ги пласира преку прес – конференциите собирајќи ситни политички поени, бидејќи напамет, а не со факти, неодговорно пласира лаги, обидувајќи се да креира лажна слика за работата на институциите и да креира паника кај граѓаните. За неосновано обвинување и креирање паника кај граѓаните, потсетуваме дека и кривично се одговара. Доколку Трипуновски за ваквите манипулации јавно не им се извини на граѓаните АХВ ќе поднесе кривична пријава, стои во реакцијата. лв/дма/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Тему достапна и во Македонија, ниски цени и бесплатна достава, квалитетот дискутабилен

Стојаноски: СДС единствено што остави на државата е долг на идни поколенија

Ангеловска-Бежоска во колумна за „Топ 100 извозници”: Извозот на услуги станува сѐ позначаен двигател на економскиот раст