Утрински Весник
Македонија

Димиров: Март е тест за геополитичките амбиции на новата Комисија и на самата ЕУ за кредибилно глобално влијание

Димитров: Март е тест за геополитичките амбиции на новата Комисија и на самата ЕУ

Скопје, 24 февруари 2020 (МИА) – Заложби за силна, стабилна и обединета Европа во мир преку целосна интеграција на Западниот Балкан во Европската Унија изразија денеска во Солун министрите за надворешни работи од регионот и од земји-членки на ЕУ кои граничат со регионот, на конференцијата на високо ниво „Од Солун до Загреб” на која учествува и шефот на дипломатијата Никола Димитров.

-За да може да се продолжи да се говори за европската перспектива на регионот, неопходно е постигнување консензус за зелено светло за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија без одлагање. Март ќе биде тест и за геополитичките амбиции на новата Комисија и на самата ЕУ за кредибилно глобално влијание. Што се однесува до нас, не сме совршени, но сметам дека сите ќе се согласите дека изградивме силно досие и испорачавме. Крајно време е и да се препознае важноста на моментот од страна на Европскиот совет и да се зграпчи шансата за заеднички успех, изјави министерот Димитров.

Како што соопшти МНР, на таа линија беа и дел од заклучоците на конференцијата од која произлезе и заедничка изјава, во која се изразува очекување дека согласно препораките на Европската комисија, ЕУ ќе донесе одлука за отворање на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија пред Самитот во Загреб во мај 2020 година.

На маргините на конференцијата, министерот Димитров оствари билатерална средба со Хелга Шмид, генерална секретарка на Службата за надворешни работи на ЕУ (ЕЕАС), на која разменија мислења околу актуелната атмосфера во рамки на ЕУ институциите и земјите-членки, како и за евентуалните предизвици  и изгледите за заслуженото конечно исчекорување напред на Северна Македонија на евро-интегративниот пат. Од страна на на ГС на ЕЕАС, Шмид искажа признание за крупните чекори и напредокот што земјата го направи, изразувајќи надеж дека овој пат ќе има добри вести за почеток на преговорите.

Димитров имаше куси разговори и со учесниците на конференцијата, меѓу кои грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас, кој е домаќин на форумот, со хрватскиот колега Грлиќ-Радман, црногорскиот Срѓан Дармановиќ, словенечкиот Миро Церар, како и со Мачеј Поповски, заменик генерален директор за соседска политика и преговори за проширување при ЕК.

Конференцијата на високо ниво за европските перспективи на Западниот Балкан насловена „Од Солун до Загреб“ е во рамки на грчката иницијатива за заедничка иднина на балканските земји и Европа. вг/скс/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер