Тирана, 18 февруари 2020 (МИА) – Претседателот на македонското друштво „Илинден”-Тирана, Никола Ѓурѓај, се сретнал со проф. д-р Катерина Тодороска, научен советник во Институт за Национална Историја во Скопје и лично и ја врачил почесната награда „Илинден”.
-Чест ми беше да се сретнам со професорката Тодоровска со која имавме срдечна средба. Ја врачив наградата „Илинден“ што годинава и ја доделивме по повод 11-годишнината од формирањето на друштвото, изјави Ѓурѓај за МИА.
Тој додаде дека наградата и се доделува за нејзиното научно творештво поврзано со историјата и катадневниот живот на македонското национално малциство во Албанија
-Пријатно ме изненади веста за вашата Одлука да ми ја доделите годинашната награда „Илинден “ за особен придонес за македонското национално малцинство во Република Албанија. Со оглед на мојот професионален ангажман во кој е вклучено истражувањето на историјата, традицијата и културата на Македонците во Албанија, неизбежен беше и мојот напор за постојано следење на современите состојби во Албанија меѓу македонското малцинство. Наградава предизвикува вистинско задоволство и среќа за секој кој несебично се вложил во истражување на корените и практикувањето на македонската традиција во Албанија. Искрено се заблагодарувам за укажаната чест, рекла Тодоровска по врачувањето на наградата.
Наградата „Илинден”, е воведена минатата година по повод јубилејот 10 години постоење на друштвото, а се доделува на личности кои дале посебен придонес за животот, историјата, културата и зачувувањето на автентичните традиции на Македонците во Република Албнија.
Лани наградата им беше доделена на поранешниот претседател Ѓорге Иванов и игуменот на Бигорскиот манастир, Архимандрит Партениј. Годинава наградата освен Тодоровска ја доби и Васил Стерјовски. вт/вј/