Утрински Весник
Македонија

Пендаровски на билатерални средби со претседателите на Литванија и Молдавија и со премиерот на Канада

Пендаровски на билатерални средби со претседателите на Литванија и Молдавија и со премиерот на Канада

Скопје, 14 февруари 2020 (МИА) – Претседателот Стево Пендаровски денеска во Минхен, на маргините на 56. Минхенска безбедносна конференција, оствари билатерални средби со претседателот на Република Литванија, Гитанас Науседа, со претседателот на Република Молдавија, Игор Додон и со премиерот на Канада, Џастин Трудо.

Како што соопшти Кабинетот на претседателот, на средбата на Пендаровски со претседателот на Република Литванија, Гитанас Науседа беше констатирано дека односите меѓу Северна Македонија и Литванија се традиционално добри и пријателски, со континуиран политички дијалог.

Пендаровски, како што се наведува, се заблагодари за досегашната поддршка од Литванија во однос на европската интеграција на Република Северна Македонија и изрази надеж дека таа ќе продолжи и во иднина.

Пендаровски подвлекол дека за нас е клучно што поскоро државите членки на ЕУ да се усогласат за новата методологија за преговарање и нашата држава да добие датум за почеток на преговорите за време на хрватското претседателство со Европската Унија. На средбата, како што се наведува, беше изразена подготвеност за развој на економската соработка, како и за унапредување на договорната рамка меѓу двете држави.

– На средбата со претседателот на Република Молдавија, Игор Додон беа разменети мислења за севкупните билатерални односи при што беше констатирано дека повеќе од две децении двете држави негуваат пријателски односи и меѓусебно почитување. Двајцата соговорници оценија дека е потребен континуиран политички дијалог со заемни заложби за понатамошно унапредување на соработката на билатерален и мултилатерален план преку размена на официјални и работни посети на високо ниво, стои во соопштението.

На средбата било разговарано и за актуелните случувања во двете држави, при што биле истакнати приоритетите на двете земји за интензивирање на економските врски преку склучување на меѓувладини договори и комисии за економска соработка. Претседателот Пендаровски го истакнал и интересот на Северна Македонија за продлабочување и интензивирање на соработката во рамки на регионални иницијативи.

На средбата на Пендаровски со премиерот на Канада Трудо изразено е задоволство од традиционално добрата соработка меѓу двете земји, заснована на заеднички вредности и партнерство.

На средбата, како што се наведува, заблагодарувајќи се за постојаната канадска поддршка за нашите евроатлантски интеграции, претседателот Пендаровски го нагласи интересот на Република Северна Македонија за јакнење на политичката и на економската соработка во областите од заемен интерес.

Пендаровски нагласил дека членството на Северна Македонија во НАТО ќе придонесе за безбедност, стабилност и просперитет на целиот регион и се заблагодари за ратификацијата на Протоколот за членство од страна на канадскиот парламент.

На средбата било изразено задоволство од соработката и успешниот дијалог меѓу двата парламента, што резултираше со основање на Парламентарна група за пријателство. мд/скс/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме