Утрински Весник
Македонија

Објавен конкурс за натпреварот „Зелени идеи“

Објавен конкурс за натпреварот „Зелени идеи“

Скопје, 11 февруари 2020 (МИА) – Граѓаните кои сметаат дека имаат идеја за зелен, одржлив бизнис од денеска до 10 април можат да аплицираат на натпреварот „Зелени идеи“, што го организира Здружението за социјални иновации „АРНО“. Пријавите за натпреварот и сите информации се достапни на веб-страница: https://zeleniidei.mk/.

-Ако нешто научивме периодов е дека ние имаме што да му покажеме на светот. Зелената приказна за дивата пчеларка Атиџе не’ прослави по светот, а ние, организирајќи го натпреваров секоја година сме се поубедени дека токму зелените бизниси можат да направат земјава да се конвертира во целосно зелена земја. Мед во мали стаклени теглички (не во пластично пакување) да стане сувенир на земјата, село Слоештица да биде домаќин на уште повеќе уметнички колонии, млади умови да измислуваат мобилни апликации за мотивација за одење пеш, еко-магионичар да едуцира деца низ цел Балкан… Сето ова е реалност, а тука е и натпреварот да помогне на оние кои имаат идеја и желба. Ги охрабруваме сите заинтересирани да аплицираат за некоја од работилниците, и да се пријават за поддршка, изјави Ирина Јаневска од АРНО.

Секоја година по тројца претставници од секоја од земјите се натпреваруваат на регионален натпревар. Четворицата победници на регионалниот натпревар добиваат по 10.000 или 5.000 долари за реализација на идејата во својата држава.

Од АРНО информираат дека препознавајќи го потенцијалот и улогата на зелените бизниси во развојот на националната економија, Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) повторно ќе додели ваучер за  патување на дополнителен промотивен настан во странство на првопласираниот национален победник. Во духот на повеќегодишната соработка и поддршка на развојот на зелената и социјалната економија, пак, трите национални победнички идеи и оваа година ќе добијат вредносни ваучери за консултантски услуги од Асоцијацијата за менаџмент и консалтинг „МКА2000“.

„Зелени идеи“ е годишен натпревар којшто поддржува развој на мали, локални и одржливи бизнис идеи во нашата земја и во Албанија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија и Грција. Секоја година по тројца претставници од секоја од земјите се натпреваруваат на регионален натпревар. Четворица победници од регионалниот натпревар добиваат по 10.000 или 5.000 долари за реализација на идејата во својата земја. Досега, во нашата земја се инвестирани 60.000 долари во шест македонски победници на регионалните натпревари: Кооперативата на органски потрошувачи „Наша добра земја“, фирмата за репарирање и реупотреба на стар мебел „СПИН“, Еко-магионичарот Кристиан Шопов, стартапот „Храна за сите“ Challenger- мобилна апликација што ги наградува сите еколошки одговорни корисници и био смарт ориз (ориз добиен преку иновативни еколошки практики) на кооперативата „Оризова братимка“.

Деталите за конурсот се наоѓаат на веб страницата https://zeleniidei.mk/. Повеќе информации можат да се добијат на 077 855 832 или на e-mail arno.mkd@gmail.com.лв/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

УХМР: Од петок студен бран во Македонија – се очекуваат поројни дождови

Уште еден земјотрес ја стресе Македонија

Исчезната е Владанка Спиковска од Скопје – доколку некој ја види веднаш пријавете