
Три лица се лишени од слобода, а две кривични пријави се поднесени по настаните за време на прославата на Денот на албанското знаме. Министерството за внатрешни работи соопшти дека регистрирало 13 нарушувања на јавниот ред и мир на подрачјата на секторите за внатрешни работи во Скопје, Тетово, Охрид и Куманово.
Според МВР, досега се изготвени и 10 записници за констатирани прекршоци. Кривичните пријави се однесуваат на безобѕирно управување со моторно возило и на недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи.
Најмногу нарушувања се регистрирани на подрачјето на СВР Скопје, вкупно седум, во Бит Пазар и Ѓорче Петров. Полицијата изготвила седум прекршочни записници против четири лица. Три се однесуваат на отстранување, кинење или оштетување на државни симболи и симболи на заедниците, а еден на карање, викање или непристојно и дрско однесување. Констатирани се и три сообраќајни прекршоци за возење без возачка дозвола, пречекорување на дозволената брзина и движење во спротивен правец. Против едно дете е поднесена кривична пријава за безобѕирно управување со моторно возило, а при расчистувањето на настаните две лица биле лишени од слобода.
На Градскиот плоштад во Тетово полицијата регистрирала две нарушувања со употреба на пиротехнички средства од деца. МВР го документира и случајот во кој на полициско возило било поставено албанско знаме. По расчистувањето на настаните ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
На подрачјето на СВР Охрид се регистрирани два случаја, во Кичево и во Струга. Во Кичево е составен прекршочен записник откако на градскиот плоштад биле поставени неколку знамиња на Република Албанија. Во Струга, според МВР, во основно училиште биле поставени албански знамиња без да биде истакнато македонското знаме. Полицијата најави дека ќе поднесе барање за поведување прекршочна постапка против одговорното лице во училиштето.
Во Куманово, за време на дефиле со возила низ центарот на градот, полицајци забележале две лица. Едното побегнало, а другото било задржано. При прегледот кај него биле пронајдени пиштол „Црвена Застава“ и рамка со пет куршуми. Лицето било лишено од слобода поради сомнение за кривично дело поврзано со недозволено држење оружје.
МВР соопшти дека продолжува со документирање и расчистување на регистрираните настани.


