Утрински Весник
Македонија

Филипче за тврдењата дека Заев влијае врз СДСМ: Никој не може да ме контролира

Img 9045.jpeg

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во „Ноќно студио“ на 4ТВ ги отфрли тврдењата дека поранешниот премиер Зоран Заев преку него влијае врз одлуките во партијата. Филипче рече дека мандатот го добил од членството и порача дека нема да дозволи дополнително делење на СДСМ.

„Јас сум професор по неврохирургија, никој не може да ме контролира. Ја водам партијата автентично, легитимно, без некој да ми влијае“, изјави Филипче.


Тој рече дека Заев повеќе не се занимава со политика. Зборувајќи за сопствениот легитимитет, Филипче посочи дека на внатрепартиските избори за него гласале 20.000 членови. Потсети дека за претседател на СДСМ бил избран во 2024 година, а во 2025 година добил нов четиригодишен мандат.

Филипче рече дека разговарал со дел од критичарите и поранешните сопартијци и им понудил да учествуваат во креирањето на политиките и во работата на партиските органи. Според него, тие ги одбиле понудите.

„На сите им е отворена вратата, ама нема да поминат подмолни обиди дополнително да се дели партијата“, порача лидерот на СДСМ.

Тој ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека ги поттикнува обидите за поделба, оценувајќи дека на власта ѝ одговара ослабена опозиција. Според Филипче, дел од критичарите се фокусираат на неговото лидерство, додека од нив, како што рече, не слушнал критики за политиките на власта.

„Не слушнав дека ја критикуваат власта“, рече Филипче. Тој додаде дека од нив не слушнал јасни ставови за, според неговата оценка, изолацијата на земјата од Европа и за сомнежите за корупција што ги изнесува СДСМ.

За начинот на кој се носат одлуките во партијата, Филипче рече дека ги прифаќа сугестиите од раководството и од Извршниот одбор.

„Многу пати ги прифаќам сугестиите, затоа што сфаќам дека не секогаш сум во право. Тоа е убавината на демократијата, од тоа да излезат добри предлози и политики“, изјави тој.

Филипче порача дека целта му е да го води СДСМ до изборна победа и формирање проевропска влада. Рече дека вратата останува отворена за сите што сакаат да придонесат во работата на партијата.

„Ако сакаат да се приклучат на тимот, чесно, искрено, без задни намери – секој ден“, рече Филипче во „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Можете да прочитате

Филипче: Фатмир Битиќи ќе биде потпретседател на СДСМ

Мицкоски по Самитот ЕУ-Западен Балкан: Доста е од билатерализација, да зборуваме за заслуги, се бориме за нашите аргументи

Филипче во „Ноќно студио“: Власта на Мицкоски ќе заврши како режимот на Вучиќ