
Пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска, на денешната надзорна расправа за Алта банка праша дали Алта банка Битола располага со 80 милиони евра во готовина и парични еквиваленти, како што е прикажано во билансот, и што ќе се случи со заштедите над 30.000 евра доколку дојде до обесштетување.
Костадиновска Стојчевска посочи дека, според финансиското образложение објавено на Берзата на 30 октомври, банката во првите девет месеци од годинава пријавила загуба од 48,64 милиони денари, по добивка од 49,15 милиони денари во истиот период лани. На 30 септември банката прикажала 8,91 милијарди денари депозити на клиенти, а ликвидната актива изнесувала 43,91 отсто од вкупната актива.
Пратеничката нагласи дека овие податоци ја одразуваат состојбата на 30 септември, пред одземањето на дозволата на матичната банка во Србија. Таа праша дали е проверено дека банката во Битола и денес располага со прикажаните 80 милиони евра во готовина и парични еквиваленти.
До Фондот за осигурување на депозити, Костадиновска Стојчевска го постави прашањето дали евентуалната разлика меѓу билансот и фактичката состојба би се одразила врз обесштетувањето на штедачите. Таа побара одговор и за тоа кој би го исплатил обесштетувањето, од кои средства и како штедачите би можеле да си го побаруваат делот од заштедите над 30.000 евра.


