Утрински Весник
Балкан

Синот на Милорад Додик предложен за мандатар на Република Српска

Img 8857.jpeg

Претседателот на Република Српска, Саво Миниќ, го предложи Игор Додик, синот на Милорад Додик, за мандатар за состав на новата влада на овој ентитет во Босна и Херцеговина. Предлогот следува по консултациите со парламентарните партии, а за изборот на кабинетот ќе одлучува Народното собрание на Република Српска.

Од денеска тече уставниот рок од 40 дена за претставување и изгласување на новиот кабинет. Миниќ претходно изјави дека очекува Република Српска да добие нова влада до средината на декември. Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) и уште шест партии го потпишаа коалицискиот договор на 16 ноември во Бања Лука.


Триесет и седумгодишниот Игор Додик првпат се кандидираше на изборите во октомври годинава. Како носител на листа на СНСД освои пратенички мандат, а во новиот состав на Народното собрание стана координатор на пратеничката група на партијата. Партиска функција има од февруари 2024 година, кога беше именуван за организациски секретар. Подоцна го предводеше и изборниот штаб на СНСД.

Во спортската јавност Додик е познат како генерален менаџер на кошаркарскиот клуб „Игокеа“ и поранешен директор на регионалната АБА лига.

Во септемвриско интервју за порталот „Кликс“, на прашањето дали би ја имал истата позиција во партијата ако носел друго презиме, Додик рече дека презимето му донело препознатливост и му овозможило рано да се вклучи во политичките разговори.

„Ако сакав да го злоупотребам презимето, ќе го искористев како скратен пат до некоја позиција во извршната власт“, изјави тогаш Додик, објаснувајќи ја својата одлука да се кандидира за пратеник.

Во октомври 2023 година, САД воведоа санкции против Игор Додик и неговата сестра Горица. Американското Министерство за финансии тогаш ги посочи како дел од мрежа што, според неговата оцена, му овозможувала на нивниот татко Милорад Додик да пренасочува јавни средства во корист на семејството. На 29 октомври 2025 година, Вашингтон ги укина санкциите против Милорад Додик, членови на неговото семејство и повеќемина негови соработници.

Можете да прочитате

Над 92 проценти од децата во Турција користат интернет, речиси 70 проценти играат дигитални игри, покажува студија

31 година од потпишувањето на Дејтонскиот договор

Пожар во ноќен клуб во Никозија – околу 50 лица поради чадот останале заглавени во објектот