
Во текот на ноќта избувнал пожар на влез на ноќен клуб во Никозија, а поради чадот околу 50 лица останале заглавени во објектот, се засолниле на балконите каде што останале до гаснењето, при што биле безбедно евакуирани, а повредено е едно лице, јави дописничката на МИА од Атина.
Портпаролот на противпожарната служба на Кипар, Андреас Кетис, информираше дека околу 2:45 часот добиле пријава за пожар на влез на ноќен клуб во кипарскиот главен град, а од пожарот биле уништени тепихот и паркетот со кои бил обложен влезот на објектот.
– Поради чадот, што се прошири на првиот кат, околу 50 лица (гости) останаа заробени во објектот. Сите гости излегоа на балконите на локалот за безбедност и заштита, каде што останаа до целосното гаснење на пожарот од страна на Противпожарната служба. Еден маж (гостин), се здоби со изгореници при обидот да го изгасне пожарот – информираше Кетис.
Повредениот бил пренесен во болница, а во гаснењето на пожарот интервенирале три противпожарни возила со екипи од противпожарните станици во Никозија.
За причина за пожарот, портпаролот посочи дека местото е обезбедено од полицијата, а во текот на денешниот ден ќе биде спроведена истрага.
Според кипарските медиуми станува збор за пивница, а пожарот најверојатно бил подметнат, бидејќи извори од полицијата посочиле дека на влезот била пронајден запалива материја.
„Сајпрус тајмс“ пишува дека при првичните проверки било утврдено дека локалот поседувал сертификат за противпожарна заштита, но претходно му била уаптена препорака за изградба на противпожарен излез со скали кои би воделе до приземјето.
Вратата што водела до противпожарниот излез била заклучена, поради што гостите биле принудени да излезат на балконите.
Според истите информации гостите во ноќниот клуб забележале чад додека се забавувале во локалот и веднаш истрчале на балконите на првиот кат, а противпожарната служба интервенирала веднаш, спречувајќи посериозни последици.

