Утрински Весник
Скопје

Герасимовски: Реконструираме улици низ Центар, создаваме побезбедни услови за пешаците и велосипедистите

Whatsapp image 2026 11 18 at 12.22.09.jpeg

Општина Центар продолжува со интензивни инфраструктурни активности на повеќе локации, со реконструкција на улици, поставување нова водоводна и фекална мрежа, уредување на тротоари, велосипедски патеки и зголемување на зеленилото. Меѓу поголемите проекти се реконструкциите на улиците „Ленинова” и „Мирослав Крлежа”, кои се во завршна фаза.

Градоначалникот Горан Герасимовски, во гостувањето во живо во емисијата „Отворено со градоначалниците” на Македонско радио – Радио Скопје (МРТ), истакна дека целта на реконструкциите не е само обновување на коловозите, туку создавање побезбеден и поуреден јавен простор за сите граѓани.

„Во текот на целата година реконструираме повеќе улици за да обезбедиме подобри услови за живот на граѓаните. При секоја реконструкција водиме сметка и за пешаците и за велосипедистите. На првиот дел од улицата „Ленинова” ги ослободивме тротоарите од паркирани возила, а истото го правиме и на вториот дел, каде што уредуваме дополнителен простор за пешаците, велосипедски патеки и повеќе зеленило. Сакаме улици што ќе бидат функционални и безбедни за сите, а не тротоари зафатени со автомобили”, изјави Герасимовски.

Во Маџир Маало е поставена нова водоводна и фекална мрежа, со што се подобрени условите за околу 200 жители. Асфалтиран е и дел од улицата „Маџир Маало”, каде што жителите со години се движеле по земјен пат, без асфалтиран коловоз.

Инфраструктурни зафати се реализирани и во Ново Маало, каде што е асфалтиран крак од улицата „Истарска”, а извршена е и реконструкција на улицата „Светозар Марковиќ”. По барање на жителите, асфалтиран е и крак од улицата „Загрепска”.

Во однос на реконструкцијата на улицата „Мирослав Крлежа”, градоначалникот појасни дека работите се пролонгирани поради непредвидени околности што се појавиле на терен, а кои не се предизвикани од Општината.

Герасимовски нагласи дека Општина Центар продолжува да инвестира во инфраструктурата во сите населби, со цел да обезбеди подобри услови за живот, побезбедно движење и поуредена урбана средина.

„Нашата обврска е да водиме грижа за секое маало и за секоја улица во Центар. Продолжуваме да работиме според потребите на жителите, затоа што секоја реконструирана улица значи подобро секојдневие за граѓаните”, порача Герасимовски.

Можете да прочитате

Општина Чучер Сандево одбележа 30 години од формирањето: Благодарност за минатото со визија за иднината

Без струја делови од Скопје

Ѓорѓиевски со прв годишен отчет: Тековните обврски на Скопје намалени за 322 милиони денари