
Власта на Мицкоски ја оддалечува Македонија од Европската Унија, а младите ја бараат иднината токму во Европа, нагласи претседателот на СДСМ и претседател на Националниот совет за евроинтеграции, д-р Венко Филипче, на денешната дебата во Собрание „Извештаите на Европската комисија за владеење на правото во Република Северна Македонија – наоди и парламентарен надзор”. Филипче посочи дека младите ја напуштаат државата и заминуваат во Европската Унија не само поради повисоките примања, туку пред сè поради поквалитетниот живот и функционалниот систем што оваа власт одбива да го изгради.
„Каде одат младите? Се иселуваат од земјава. Каде? Во Европска Унија. 3.000 деца помалку запишани во прво одделение е само доказ дека 3.000 млади семејства изминатата година се иселиле од земјава и продолжиле таму да живеат и да работат, не само за поголеми примања туку за поквалитетен живот и систем каков што оваа власт упорно тука одбива да почне да прави”, рече Филипче.
Во обраќањето, Филипче истакна дека извештаите на Европската комисија јасно покажуваат дека во изминатите две и пол години нема суштински напредок во ниту една област поврзана со европската интеграција. Наместо реформи и исполнување на европските стандарди, резултатот е изолација, корупција и невладеење на правото.
Тој предупреди дека оддалечувањето од ЕУ нема да има само политички последици, туку директно ќе ја загрози и економската иднина на државата.
„Економијата ќе заглави во земјава поради тоа што немаме пристап до европските фондови Гледаме како се задолжуваме за да се плаќаат тековни трошоци, плати, пензии и така натаму. Слаба реализација на капиталните проекти, огромни долгови, камати коишто ги плаќаме и за странско и за домашно задолжување. А од тоа граѓаните не гледаат ништо, само тонат во сиромаштија”, рече Филипче.
Филипче нагласи дека токму европските стандарди и функционалните институции се она што им недостасува на младите во Македонија. Наместо да им понуди перспектива, власта ги остава без квалитетно образование, без сигурност и без доверба дека во сопствената држава можат да изградат подобра иднина.Тој потсети дека ВМТО ветуваше се и сешто, а ништо не исполни.
„Помина веќе три години на оваа власт. Се ветуваше се и сешто. Излезе се дека е една голема лага. Вистината е дека со оваа власт нема напредок на европскиот пат. Се е наоѓање на изговори за некаква заштита на национални интереси, идентитет, јазик и така натаму. А во суштина е стагнација и огромен ризик да ние целосно го пропуштиме возот за Европа”, рече Филипче.



