
Украина извршила напад со беспилотни летала врз еден од најголемите руски петрохемиски комплекси во Нижнекамск, град во Република Татарстан, објавија денеска локалните медиуми.
Во нападот биле повредени три лица, соопшти регионалното Министерство за здравство. Властите не објавија детали за тоа кој индустриски објект бил погоден.
Снимки од голем пожар се проширија на социјалните мрежи во Русија и Украина. Според тие извештаи, пожарот избувнал во фабриката „Нижнекамскнефтехим“, во чиј состав има и рафинерија за нафта.
Во одделен напад врз Таганрог во јужната Ростовска област била погодена трафостаница, соопштија властите. Регионалниот гувернер, Јуриј Сљусар, изјави дека притоа загинал главниот инженер на објектот.
Поради оштетувањето на објектот што снабдува со електрична енергија и дел од железничката мрежа, железничкиот сообраќај бил привремено прекинат. Сљусар уште информира и дека остатоци од соборени беспилотни летала паднале врз автомобили, при што биле повредени тројца мажи и една жена.
Украина повеќе од четири и пол години се брани од руската целосна инвазија, при што редовно напаѓа цели длабоко на руска територија.
Минатата недела завојуваните страни, со посредство на САД, ги продолжија преговорите за ставање крај на конфликтот. Засега нема знаци за прекин на огнот



