
во 2026 година, полициските службеници во Македонија сè уште запишуваат кривични дела во тефтери и книги. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на брифинг со новинарите изјави дека во МВР се користат 36 рачни евиденции и дека првите конкретни резултати од нивната дигитализација ги очекува во наредните три до четири месеци.
Според Тошковски, кога граѓанин пријавува кривично дело, полицискиот службеник често мора да ги внесе истите лични податоци во повеќе книги. Како пример ја посочи пријавата за семејно насилство. Во зависност од околностите, податоците може да се внесат во посебни евиденции за кривични дела, семејно насилство, телесни повреди и присуство на малолетници.
„Во моментот имаме 36 евиденции, односно книги, а претходно биле 70-ина евиденции“, изјави Тошковски.
Министерот рече дека кога ја презел функцијата, документацијата се чувала во архивски ормани, а службениците морале рачно да ги прелистуваат книгите за да ги најдат потребните информации. Тој оцени дека таквиот начин на работа е несоодветен за современа полиција.
Според Тошковски, МВР повеќе од две години работи на дигитализација на полициските процеси, а проектот сега е во завршна фаза. Новиот систем предвидува електронско внесување и обработка на податоците, со цел да се намали административната работа на полицајците и да се забрза постапувањето по пријавите.
Тошковски очекува првите промени да бидат видливи за три до четири месеци. Целта, како што рече, е во текот на 2027 година МВР да работи со поефикасен дигитален систем.


