
Македонската фудбалска репрезентација во Глазгов ја очекува дуелот со Шкотска во рамки на Лигата на нациите. Ова за нашата репрезентација е петти натпревар во рамки на групата од сегментот Б. На претходните четири натпревари македонскиот тим претрпе четири порази, а не успеа да постигне ниту гол. Во таборот на нашата репрезентација очекуваат позитивен резултат во дуелот со фаворитот Шкотска, која пред еден месец победи во Скопје со 2:0.
-Кога го носиме дресот на Македонија, мислам дека не треба да бараме посебна мотивација, затоа што самото тоа што сме во А-репрезентацијата ја носи мотивацијата. Играме против голема Шкотска, која има квалитетни играчи, но и ние имаме свои имиња кои се во многу добра форма. Ќе излеземе на теренот да дадеме се од себе и да уживаме. За мене, во дваесет дена ми се смени целиот живот и ова е нешто ново. Гледам кога ќе излезам на теренот да уживам. Играв против многу големи играчи и големи репрезентации, немам притисок и гледам да уживам во моментот, изјави репрезентативецот Матеј Гаштаров.
Натпреварот се игра на „Хампден парк“ во Глазгов со почеток во 20:45 часот по македонско време, а во исто време играат Словенија и Швајцарија од нашата група. Швајцарија е прва со 12 бода, пред Словенија со 7, Шкотска има 4, а македонската репрезентација е последна без бод.


