Утрински Весник
Скопје

Давчевски: Скопје е заложник на неспособноста на Орце, градот тоне во хаос 

Aleksandar davchevski 13.11.2026.jpeg

Прес – конференција на СДСМ, Александар Давчевски, претседател на Градска организација

Нефункционален град, сообраќаен хаос, ѓубре и диви депонии, криминал и глутници од кучиња скитници насекаде. Една реченица и само десетина секунди беа доволни за целосно да се опише првата година од мандатот на актуелниот градоначалник. Дваесет и деветте минути празен отчет на Орце беше само очаен обид преку партиски ПР да се покрие тоталниот распад што Скопјани го живеат секојдневно.


Прво хигиената. И покрај поставувањето на 3.300 нови контејнери, градот не е ниту почист. Контејнерите се преполни, дивите депонии се враќаат, а очигледно е дека бројот на контејнери, нивниот капацитет и распоред не одговараат на реалните потреби на Скопјани. Не е успех да се постават нови контејнери, туку отпадот редовно да се собира и градот да ни биде чист.

Второ, јавниот превоз. Граѓаните чекаат автобуси, линиите не функционираат редовно, а најавите за нови автобуси и дигитални решенија сè уште не се претвораат во резултати. БРТ, за кои се обезбедени 70 милиони евра, повторно се одложила. Скопјани не можат и не заслужуваат да живеат од нови ветувања и нови рокови.

Трето, поплавите. По секој пообилен дожд делови од градот се соочуваат со поплавени улици и сообраќаен колапс. Тоа не е изненадување, туку последица на недоволно одржување и отсуство на системско решение. Дополнително, парковите и јавните површини се запуштени. Контролата на загадувачите малтене и да ја нема, а проблемите со комарците и животната средина се повторуваат секоја година.

Градоначалник, каде се 346-те проекти со кои ја барате и добивте довербата од Скопјани? Каде се ветените булевари, катни гаражи и инфраструктурните решенија? Никаде ги нема и само се бараат изговори. И додека проектите доцнат или откажуваат, се отвораат сериозни прашања за трошењето на јавните пари.

Кај добар дел од милионските јавни набавки има само еден понудувач, а понудените цени се речиси идентични со процените вредности. Бараме целосна транспарентност, објавување на документацијата и проверка од надлежните институции. Ова не е проблем од вчера. Пет години ВМРО ДПМНЕ има целосно влијание врз управувањето, односно неуправувањето со Скопје, прво со мнозинството во Советот и нивниот претходен градоначалник Данела Арсовска, а денес и преку актуелното градско раководство.

Одговорноста за состојбите не може постојано да се префрла на други и се некој друг да биде виновен за состојбите во градот. Врв на лицемерие е четири години преку Советот да го блокирате градот и да ги држите Скопјани како заложници. За денес градоначалникот бескрупулозно да се слика пред мостовите Михајло Апостолски и Љубљанска и булеварот Борис Трајковски, кои ги почна СДСМ.

Скопјани не бараат чуда, бараат чист град, редовен автобуски превоз, проодни улици по дождови, уредени паркови и реализација на ветените проекти. Тоа се основните обврски на секоја градска власт, а не некакви посебни достигнувања. По една година прашањето е едноставно, дали Скопје денес е подобро место за живеење?

И одговорот, за жал, е многу едноставен – не. Градоначалничката функција не е привилегија за политичка себепромоција, туку одговорност за функционирањето на градот. На Скопје и Скопјани не му требаат уште една година најави и оправдувања. Му треба градска власт што ќе работи, ќе решава проблеми и ќе испорачува резултати.

За секој потрошен денар од буџетот на Скопјани мора да има целосна транспарентност и отчетност. За секоја сомнителна јавна набавка, за секое незаконско трошење и злоупотребен денар народни пари порано или подоцна ќе има и ќе следи одговорност.

Можете да прочитате

Скопје го одбележува Денот на ослободувањето – 13 Ноември

Герасимовски: По 10.000 денари за 243 семејства, конкретна поддршка за секое новороденче во Центар

Ѓорѓиевски: Ја обновуваме жичарата, Скопје повторно ќе ужива во својот најубав поглед